ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Стефан Спасов: Во глумата треба да знаеш да „излажеш“ дека е вистина
Стефан Спасов е млад, амбициозен, но и веќе искусен актер, кој својот талент го покажа со последната своја улога во долгометражниот филм „Убиј ги прво децата“ во режија на Димитар Оровчанец. Тоа е негова прва главна улога во долгометражен филм, а за тоа какво му било искуството и што најмногу го исполнува како актер зборувавме во утринската емисија „Слободен печат“.
Задоволен од својата улога, Стефан вели дека иако имал малку време да се подготви, сепак успеал да се вклопи и одлично се снашол со предизвикот.
– Супер беше, интересно. Јас имав 7-8 дена пред снимањето. Требаше да игра едно друго дете, ама веројатно се откажа, не беше глумец. Бев во Амстердам и ми се јавија да ми кажат дека сум ја добил улогата и ме прашаа дали ќе сакам да играм. Се разбира дека прифатив. Со оглед на тоа дека имав 7-8 дена, мислам дека одлично се снајдов, ми беше уште поголем предизвик. И мислам дека с супер излезе – вели Стефан за улогата во филмот „Убиј ги прво децата“.
Стефан е вработен во Македонскиот народен театар и на репертоарот има неколку претстави. Актерството го сака безусловно, но сепак повеќе сака да игра пред филмската камера.
– Јас лично повеќе сакам филм. Но, без разлика дали сум во театар или на филм, мислам дека
глумата треба да биде природна. Треба да знаеш да „излажеш“ дека е вистина. И во детски театар да играм претстава, ако паднам и си удрам коленцето, ќе плачам стварно – вели Стефан.
Во професијата актер се вљубил уште кога бил многу мал и вели дека всушност никогаш не сакал ништо друго освен тоа да биде актер.
– Не ми текнало ништо друго во живот. Сум сакал и психологија, но не сум некој голем ученик. Сепак психологијата ми била повторно поради ликовите. Никогаш не сум сакал ништо друго. Откога сум роден сакам глума и ништо друго.
Сакам да импровизирам, убаво ми е. Тоа ми е еден поголем дел од глумата. Сакам да вметнам нешто мое, нешто ново. Сепак ќе биде нешто од мене, ќе излезе и шармот на виделина и ќе биде поприродно, ќе живее од ново – вели Стефан за својата професија.
Во денешно време ретко кој млад човек не користи социјални мрежи, а Стефан е еден од тие ретките. Вели дека е свесен за некои прилики кои ги губи поради тоа, но сепак својот приватен и професионален живот не сака да го споделува на социјалните мрежи. Своето слободно време отсекогаш сакал да го поминува во театарот и како што вели, некои претстави ги гледал и по 30 пати.
– Сакам да гледам претстави многу. Сум изгледал по 30 пати. Поради тоа и сум ги менувал колегите во МНТ. Без ниту една проба сум влегувал во претстави, бидејќи сум ги знаел текстовите. На пример, одам на претстава и гледам само еден лик. Следниот пат, одам и гледам друг лик. И мислам дека повеќе ги знам претставите од сите актери,
бидејќи секој си го знае својот лик, а јас ги знам сите-вели Стефан.