ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Мики Јовановски Џафер: Знам дека песните ќе ме надживеат

Мики Јовановски Џафер / Фото: „Слободен печат“, Методи Здравев

Педесет години музичка кариера, многу песни, настапи, концерти и соработки има зад себе нашиот музичар и пејач Мики Јовановски Џафер. По повод овој јубилеј Џафер ќе одржи концерт за македонската публика во Скопје во „Јавна соба“ на 13 април. Иако тој е дел од постарата генерација музичари на македонската музичка сцена, сепак вели дека сè уште добро се вклопува со новите трендови и вкусови дури и кај помладата публика.

– Јас се носам и со младите, мојот репертоар мислам дека е подобен како за постарите генерации така и за помладите. Дури и во преработките, имам многу песни кои ги пеат млади пејачи, зборувам за светските изведувачи, за светска музика. Мислам дека заслужила македонската публика да слушне современа музика на македонски јазик и да видат дека нашите музичари се едни од посилните и можат да го покријат цел Балкан, не мора никој друг да свири од страна – изјави Џафер во утринската емисија „Слободен печат“.

Мики Јовановски Џафер во својата кариера соработувал и настапувал со многу наши познати музичари, па така и на концертот во Скопје најави повеќе гости кои заедно со него ќе се обидат да им ги пренесат песните на сите кои ќе бидат присутни.

– Мислам дека на концертот во „Јавна соба“ ќе уживаат сите што ќе дојдат, заедно со мене да го прославиме овој јубилеј, да ги прославиме песните, 50 години создавање македонска музика, поддржување на овој идентитет, културен, наш. И тоа се нивни песни, всушност моето мото е: јас не сум јас, песните се ваши и ние сите ќе се качиме на сцената, а тоа е измислено место сите да бидат на сцената. Најголемите музичари на светот ги подаруваат песните на целата популација, па и кај нас во Македонија песните сè уште поголем подарок за публиката. На сцената ќе има повеќе луѓе, две имиња од времето кои оставиле опус заедно со мене, тоа се Драган Денковски Груле, Венко Серафимов, тоа се гитарските делници. Момчето кое свири на синтисајзери Александар Никодиновски, на бас гитара Џоле Максимовски и на тапани Бојан Стојаноски. Од гостите кои ќе бидат дел од концертот се Тавитјан Гарабет, Мичо Божиков, Симон Киселички и Пере Нокаут, со кој на неколку наврати сме ја правеле песната „Лага и измама“ – вели Џафер за тоа што може да очекува публиката на 13 арпил.

За кој било музичар е тешка задача да ја издвои омилената песна во кариерата, а како што вели Џафер, нему му се сите песни драги и во сите вложил дел од своето срце.

– Мене сите песни ми се драги, знам дека „Сонце за три света“ е широко прифатена, меѓутоа јас се наоѓам и во „Под Пелистер“ каде што соработувам со гитарџиите Венко и Груле. Во многу песни ми помогнаа и браќата Тавитјан, една од тие песни е и „Енергија“, која ја создадов и го напишав текстот. Имам и многу песни кои треба да се објават, правени се во времето на корона-вирусот, кога се затворавме и јас тогаш многу креирав, пишував и музика и текстови и сè е од срце за народот. Ние сè уште сме крај каде нема шоу-бизнис, тоа настанало таму во Америка, Британија, така што мене ми е огромно задоволство дека сум станал име во Македонија и дека сум дал за нас нешто. Знам дека песните ќе ме надживеат – вели Мики Јовановски Џафер.

Целото интервју можете да го погледнете на следниот линк:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот