ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Марија Митева: Цениме дека со 61 пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Македонија ќе има порелаксирана политичка сцена

Марија Митева/фото Слободан Печат/Слободан Ѓуриќ

Иако анкетите тоа не го потврдуваат засега, портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, сепак, не ја исклучува можност нејзината партија да освои 61 место во македонското Собрание на претстојните парламентирани избори, со што, според неа, ќе доведе до формирање на парламентарно мнозинство и на нова влада без уцени од другите политички субјекти во Македонија.

– Цениме дека со 61 пратеник Македонија ќе има порелаксирана политичка сцена, ќе се навратам на почетокот и ќе кажам дека со еден таков пристап ќе ја напуштиме политиката на уцени, политиката на преговарање коишто се надвор од она што на нас како политичари треба да ни биде работа, а тоа е да работиме исклучиво во интерес на народот – вели Митева.

Доколку ВМРО-ДПМНЕ не дојде до простото мнозинство во парламентот, Митева вели дека желбата на нејзината партија е да коалицира со т.н. албанска опозиција.

– Неколку пати досега сме кажале дека сакаме Демократската унија за интеграција да ја преселиме во опозиција и немаме дилема по тој став. За ВМРО-ДПМНЕ би било добро во идната владина коалиција да учевствува албанската опозиција, но тоа ќе треба да го утврдат граѓаните на избори – додаде таа, потсетувајќи дека од ДУИ веќе го прекршија принципот дека коалицираат двете победнички партии.

Митева е сигурна дека нивната кандидатка Гордана Силјановска-Давкова ќе однесе голема победа на претседателските избори, а истото го предвидува и за носителите во сите изборни единици од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на парламентарните избори.

Како владејачка партија, приоритети на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат борбата со корупцијата и криминалот, како справувањето со според неа катастрофално лошата состојба во економијата. Што се однесува до евроинтегративниот процес, таа вели дека дефинитивно ќе се напушти поданичката политика.

– Доколку станува збор за уставни измени, по принцип на бугарски диктат, кои задираат во македонскиот национален интегритет и идентитет. Доколку станува збор за пристап во којшто Македонија повторно ќе треба да губи и да прави отстапки, и без притоа од другата страна да имае одговор со Македонија и дали вистински ЕУ ја посакува Македонија на масата како дел од тоа семејство, се дотогаш ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати уставни измени – додава Митева.

Целото интервју со нашата гостинка проследете го во видеото:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот