ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Јовановски: Ако немаме масовност на протестот, не заслужуваме да дишеме чист воздух
Главната цел на протестот е да не умираат 5000 луѓе годишно во Македонија од аерозагадување. Ние не се наоѓаме во воена состојба, а очигледно имаме голем проблем затоа што 5000 луѓе го губат својот живот годишно според најновите европски бројки, а уште колку луѓе се заболени од респираторни, срцеви заболувања и сè друго што следува со дишење на овој токсичен воздух. Ова го изјави Горјан Јовановски, советник во Град Скопје и активист од Зелен хуман град, кој е организатор на денешниот протестен марш за почист воздух.
-Која е поентата ние да не излеземе надвор и да не бараме овој децениски проблем да почне да се решава, бидејќи еве јас како активист во последните 10 години го зборувам ова и не сме мрднати од мртва точка, едноставно да чекаме сите да изумреме? – прашува Јовановски во интервју за емисијата „Слободен печат“.
Протестот кој почнува во 16 часот пред Министерството за животна средина и ќе продолжи пред Собранието и пред Владата, застанаа еколошките здруженија од Скопје: Шанса за Центар, О2 коалиција, Независните за Карпош, Зелените од Гази Баба, како и други од целата држава, па се очекува масовност, затоа што аерозадагувањето го загрозува животот на сите граѓани подеднакво.
– Искрено, ако немаме масовност, искрено не заслужуваме да дишеме чист воздух. Ова не е протест којшто го правам јас, зашто јас сакам да го направам ова или ти или кој било друг. Ова го правиме за нас и може да го правиме од најсебични причини, а тоа е да дишеме чист воздух. Посебична причина од тоа не постои. Луѓе, едно од девет деца умираат, едно од девет деца во Македонија умираат од аерозагадување. Ние треба да сме ненормални да кажеме дека сме „океј“ со таква иднина на нашите деца. Да ги прокоцкаме нивните животи, зошто? Затоа што едноставно не сакаме да го решиме проблемот со аерозагадувањето, така што, да, очекуваме масовност, очекуваме секој да излезе, да дојде таму, после работа, има можност луѓето да излезат после работа на самата улица. Значи од 16 часот во вторник пред Министерството за животна средина, ќе појдеме и до Собранието, ќе појдеме и до Владата и до сите национални органи што треба на национален план да го решат овој проблем и секако да не ги заборавиме и нашите драги локални самоуправи коишто ретко мрднуваат со прст – вели Јовановски.
Поради аерозагадувањето Скопје и оваа есен се најде на врвот на неславната листа на градови во светот и во Европа со најзагаден воздух. Загадувачите на главниот град, како и во другите градови низ државата се познати, но нема национална стратегија за зелена енергија и еколошки проекти кои драстично ќе го намалат загадувањето кое е на штета на здравјето на граѓаните.
– Ова е истиот проблем што се повторува низ сите котлински градови во Македонија. Ја имаме индустријата којашто ги креира огромните емисии и воопшто не е контролирана, посебно тие со А или Б интегрирани дозволи. Се мерело, не се мерело, имало-немало мерење. Не може тоа да го правиме. Ако сакаме да знаеме колку загадува индустријата мора да имаме 24-часовен мониторинг. Тоа е првото. Второ, знаеме дека и домаќинствата или кој било да се загрева и државните институции коишто сè уште користат мазут за загревање мора да преминат на еколошки начин на загревање, дали тоа ќе биде со помош на инвертер клими и фотоволтаици кои ќе им дозволат помала конзумпција на струја и на крај, финално – сообраќајот. Ние сме во автоцентричен град којшто нема реален начин за луѓето да се транспортираат посебно со состојбата на ЈСП во овој момент и значи дека имаме три главни фронта на коишто треба да се бориме и четвртиот е отпадот. Лоцирани се, само немаме вистинска стратегија за нивно решавање – вели Јовановски.
Конкретно за Скопје, проблемот со јавниот градски превоз, недостигот на еколошки автобуси и стабилност на превозот, го поттикнува загадувањето на воздухот, а немањето на политичка волја и конструктивност од страна на градските власти придонесува состојбата да остане без решение:
-Град Скопје може многу да направи. Ние им доставивме 19 предлози и секоја година ги доставуваме тие предлози. Некогаш се гласани од другите советници, некогаш не се. Кога ќе поминат, Градот Скопје одбива да ги имплементира, едноставно се креира некаков си циркус и се преправаме дека нема загадување, што е лудница. Еве, ако тргнеме од јавниот градски превоз. Прво мора да се стабилизира, да се покаже дека имаме јавен превоз на кој може да се потпреме, а второ, тоа мора да биде долг процес на креирање на стабилен јавен превоз за луѓето да ги сменат сопствените навики. Ние утре да поставиме нови автобуси, не верувам дека сите ќе ги остават колите веднаш и ќе рипнат во автобусите, што значи дека ова е долг процес, но ние ни првиот чекор, бебешкиот, не сме го направиле, камоли да мислиме дека ќе ги смениме навиките на граѓаните да користат јавен превоз.
Во последниот период евидентно е отсуството на конкретни акции на надлежните органи за контрола на загадувачите и спроведувањето на казнена политика која ќе ги принуди да ги исполнат еколошките стандарди. Корупцијата која е навлезена длабоко во сите пори на македонското општество, спречува и вистинско справување со сите проблеми, па и со загадувањето.
-Немаме доволен број инспектори. Во Град Скопје нема доволен број инспектори коишто воопшто може да излезат на сите локации каде што има проблем со аерозагадување, да го детектираат и понатаму да го санкционираат оној кој го прекршува законот. Имаат едно возило. Кај ќе стигнат со една кола во Скопје на сите тие жаришта коишто се случуваат да се санкционираат. Проблемот е огромен, а ние немаме доволно капацитет да го решиме и секако мора да има и дополнителни системски решенија. Имаме и знаеме дека постои корупција во Македонија и има едноставно инспектори коишто ќе излезат на лице место, но нема да постапат според нивната должност бидејќи постои момент на корупција. Ние имаме длабок проблем во системот што почнува со недостиг на кадар, а завршува со недостиг на доверба во него – вели Јовановски.
Тој е дециден дека проблемот со енормното загадување на воздухот мора да се реши на национално ниво, да се најде вистинското решение, а граѓанскиот сектор веќе понуди конструктивни предлози кои никако да дојдат на дневен ред пред Владата и институциите.