
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Димков: Три години се малку за да го направиме Скопје Европска престолнина на културата во 2028
Кон средината на февруари Министерството за култура и туризам ќе излезе со резултатите од Годишниот конкурс за проектите од културата. Реакции и незадоволство ќе има како и секогаш, вели Тони Димков, уредник на „Културен печат“ и најдобар познавач на културните прилики во државава. Тој во интервју за емисијата „Слободен печат“ нагласува дека најголем предизвик во овој ресор ќе биде постигнување на синергијата меѓу ресорите култура и туризам, а културните работници треба да најдат заеднички јазик со туристичките работници за тоа како во текот на оваа календарска година ќе функционираат.
Препорачано
-Може да очекуваме повторно реакции затоа што тоа секоја година се случува. Да, 90 или 95 проценти од културните случувања во државата зависат од Годишниот конкурс на Министерството за култура, затоа што од речиси од сите области конкурираат на конкурсот за да успеат да си реализираат некои од своите проекти. Реакциите се вообичаени секоја година зашто, едноставно, системот е таков. Веќе со години се оди на поддржување на квантитет, а одреден процент од тој квантитет носи квалитет. Кај нас не излезе дека кванитетот природно носи квалитет, туку вообичаено си тече годината на културен план и некако ритуално поминуваат сите тие забелешки и реакции, меѓутоа најголем број од тие што аплицирале на конкурсот ги прифаќаат средствата и реализираат проекти. Јас верувам дека проекти кои ќе ги опфатат двата сектори, култура и туризам, ќе добијат средства за да ги реализираат своите планови – нагласува Тони Димков.
Незадоволство години наназад демонстрираат и филмските работници во однос на доделувањата на средства од Агенцијата за филм за реализација на филмски проекти како и алармирањето за злоупотреба на средствата и криминал од поединци во Агенцијата. Токму пред крајот на годината Агенцијата за филм доби нова в.д. директорка, Вероника Бучковска, по оставката на нејзината претходничка која кратко по именувањето си поднесе оставка од функцијата.
-И покрај сите тие проблеми кои се случија минатата година, токму на страниците на „Културен печат“ известив за снимање на прв кадар на неколку филмови. Значи филмската индустрија не запре, веројатно беа запрени некои проекти. Причина за тоа беа неколку промени на директорите во Агенцијата за филм. Секој именуван директор сака да провери прво на каков терен стапнува и таа проверка практично значеше непотпишување на некои договори што требало да бидат потпишани. Имаше и кривични пријави. Станува збор за класична клановска поделба на филмаџиите. Едните гравитираат на една страна, другите на друга, а има и трети коишто идеолошки се разликуваат од првите две. Така што тоа веќе е дел од тој амбиент којшто постојано го живееме, којшто се наметна со комплетна политизација на општеството, каде што не може една обична работа, да купиме обична чаша вода, па мора партиите меѓу себе да се испокараат, кој да ја купи, кој да го распише тендерот. Нешто слично се случува и во Агенцијата за филм. Филмаџиите имаат верба во новата в.д. директорка, ќе видиме во текот на оваа година со какви резултати ќе излезе Агенцијата за филм. По закон тие мора да распишат два конкурси за поддршка на кинематографијата, едниот за поддршка на филмски дела, а вториот е за филмските фестивали. Дури е изнандувачки што во Македонија има над 30 филмски фестивали и со еден конкурс се поддржуваат дел од тие фестивали – вели Димков.
Тој нагласува дека филмската индустрија во последните години е базирана на копродукција и тој копродукциски начин многу го развлекува целиот процес на снимање, на монтажа и постпродукција. Некогаш дури поминуваат и 4-5 години од аплицирањето на проектот до премиера на филмот. За среќа, кај нас пробив на реномирани фестивали добија македонски нискобуџетни филмови, повеќе „do it yourself“, направени со ентузијазам и посветеност на филмската екипа.
-Македонија има многу посветени филмски работници. Тие живеат за филмот. Честопати остануваат со мали хонорари, а некогаш се случува да останат и без хонорари заради вакви ситуации коишто се случуваат со стопирање на исплата на одредени договори од Агенцијата за филм. Меѓутоа има многу посветени филмски работници коишто инсистираат по секоја цена филмот да биде завршен и тоа е ефектот којшто веројатно се препознава на филмските фестивали – нагласува Димков.
За најавата од Министерството за култура и туризам и Министерството за дигитална трансфорамација за снимање на игран, сериски и документарен филм посветен на големата македонска музичка ѕвезда Тоше Проески, Димков вели дека овој проект кој ќе го финансира владата веројатно ќе успее.
-Убаво е да се направи документарен филм за Тоше Проески, меѓутоа веќе тука малку излегуваме од зоната на култура и тука повеќе одиме кон популизам. Тој си беше славен во текот на животот и жално е што премногу рано заврши неговиот живот и тука се очекува е веројатно одење на некоја посмртна слава и веројатно се очекува да има позитивни реакции во регионот во смисла на прифаќање на документарниот филм и покрај средствата, полесно ќе биде да се обезбедат соговорници од регионот кои потоа би го пласирале и дистрибуирале филмот и серијата во регионален конктест. Идејата е убава, реализацијата верувам дека ќе успее. Харизмата којашто тој ја носеше додека беше жив, мислам дека продожи да живее и по неговата смрт и веројатно од таму потекнува целата идеја да се направи игран филм, документарен и серија за него – вели Димков.
Друг предизвик со кој се соочуваат Министерството за култура и локалната власт во Скопје, општините и Градот Скопје, се проектите и содржините со кои Скопје ќе ја оправда доделената титула Европска престолнина на културата во 2028 година. Министерот за култура најави обнова на Универзалната сала, како и на Шалтер салата на централната пошта, но проектите стојат во место. Се бара начин како Министрството легално да ја преземе целосната реконструкција на Универзалната сала од Град Скопје, за што поднесе и кривични пријави против поранешната министерка за култура.
-Мислам дека не само што нема време, туку ние „вчера“ требаше да тргнеме со тоа. Тоа е комплексен проблем. Сите ги израдува добивањето на титулата Европска престолнина, меѓутоа сомнежите се длабоки. Длабоки затоа што тука веќе не станува збор за култура, туку за комплетна презентација на Градот Скопје и кога ќе погледнеме што се случува во Градот Скопје, јас не знам дали Европската комисија ќе дозволи во најзагадениот град во Европа и во светот да се случува такво нешто. Меѓутоа тоа е една благородна идеја којашто беше тргната уште во 2012 година. Не е од вчера, не е од минатото министерство. Подносител на иницијативата е Универзална сала, знаеме сите што се случи со Универзална сала. Влезени сме во еден магичен круг каде што три години се малку. Универзална сала е носител на проектот, значи да, би требало да биде изградена и суперфункционална. Меѓутоа тука веќе не е само тоа проблем. Во Скопје има многу проблеми коишто не можат со магично стапче да се решат. Во Скопје имаме лош јавен превоз. Во Скопје имаме сè помалку зеленило. Во Скопје имаме мали депонии околу секој можен контејнер. Замислете ние да се претставиме како европска престолнина на културата со еден куп отпад околу секој контејнер. Значи тука веќе излегуваме надвор од културата, тука веќе влегуваме во еден модус на размислување, на живеење и навистина ова е неблагодарно да се каже, меѓутоа не верувам дека до 2028 година сите овие проблеми што ги имаме во Скопје ќе се средат – вели Тони Димков во интервјуто за „Слободен печат“.