ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Петровски: Никотинските бомби „снус“ и „вејп“ не се за малолетници

Мартин Петровски/Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Никотинските кесички популарни под името „снус“ и електронски цигари познато како „вејп“ се тренд кај тинејџерите. Малолетниците никако не смеат да ги користат овие производи бидејќи се штетни по здравјето, дециден е д-р Мартин Петровски од Институтот за јавно здравје.

Овие модерни производи младите ги купуваат без проблем во продавница и ги користат за „фраерлук“. Доколку истражите ќе дојдете до податокот дека станува збор за алтернативни производи „за одвикнување од тутун“.

-Тоа е една успешна маркетиншка стратегија на тутунските компании за да се пласираат како „добрите момци“ кои помагаат со алтернативни методи за откажување од конвенционалното пушење. Конкретно за снус, кој потекнува од Шведска, морам да напомнам, забранета е неговата продажба во сите земи на ЕУ, освен во Шведска. Според мене ова се „никотински бомби“, бидејќи имаат многу високи концентрации на никотин. Постојат различни видови, кај некои има дури и шест пати повеќе од цигарите. При употреба, несаканите ефекти се сериозни и видливи, посебно кај младите – вели д-р Петровски за „Слободен печат“.

Гадење, вртоглавица, повраќање, треска, малаксаност, губење на телото се дел од симптомите кои настануваат доколку пробате снус. Употребата на овој производ има силно влијание врз кардиоваскуларниот систем, го покачува крвниот притисок и ги оштетува крвните садови.

– Последните истражувања укажуваат на тоа дека употребата на никотин кај младите им ја нарушува концентрацијата. Предизвикува тешкотии со мислењето, со учењето, односно влијае врз нарушување на централниот нервен систем, што им оневозможува на децата за нормално функционирање – вели д-р Петровски.

И актуелните вејпови со примамливи бои и вкусови не се добар производ, според докторот.

– Има палета од различни видови на вејпови на пазарот. Тие функционираат на батерија, во нив се става течност која се загрева, при тоа се испушта пареа во вид на аеросол и се вдишува. Луѓето мислат дека вдишуваат пареа од вода, а всушност вдишуваат аеросол кој во себе содржи многу хемикалии, никотин, може да содржат и THC (Тетрахидроканабинол), според некои нови истражувања има и витамин Е кој делува штетно на бронхиолите, канцерогени супстанции, сите овие состојки му даваат симптоми на воспаление на респираторниот систем – појаснува Петровски.

Во меѓувреме увозот на овие производи во Македонија продолжува. Од Царинската управа за „Слободен печат“ велат дека пред еден месец е регистриран увоз на никотински кесички. Малолетниците, па воопшто и возрасните поради пријатните миризби и вкусови кај овие производи се залажуваат и ги перципираат како нешто што не е опасно, смета д-р Петровски.

ВИДЕО | Ова е „снус“ што тинејџерите го шмукаат до повраќање: Го купивме во трафика на Рекорд, иако илегално се продава

-Соработувам со една невладина организација од Белгија што ги регулира законодавните акти за употребата на тутунски производи во цела ЕУ. Се формира комисија во која треба да се утврди забраната на сите додатни вкусови и мириси кај овие производи освен вкусот на тобако. Во план е да се отвори комисија која ќе ги тестира вкусовите, каде нема да бидат дозволени вкусови како манго, лимон, лубеница и сл. Се со цел да не бидат примамливи кај младите – вели докторот.

Петровски е категоричен дека треба целосно да се забрани увоз и продажба на овие производи.

Информација за законскиот основ за никотински вреќички беше усвоена на последната владина седница одржана на 26 март. Македонската Влада им зададе задачи на неколку институции со цел законски да се регулира увозот и продажбата на никотинските кесички кај нас.

 

МЗШВ вели дека МЗ треба да изработи анализа за безбедноста на „снус“ и „вејп“

Министерството за здравство да изработи анализа за безбедноста на населението од здравствено токсиколошки аспект, како и процена во каква форма, при евентуално одобрување, овој производ би можел да се продава, односно дали истиот ќе биде забранет за лица помлади од 18 години.

МЗШВ треба да формира работна група, којашто ќе треба да изработи компаративна анализа на законодавството за проблематика, во врска со никотинските вреќички во ЕУ и Западен Балкан, како и да даде предлози за изменување и дополнување на прописите во областа со којашто се регулира здравствената безбедност, прометот, даноците и акцизите за никотинските вреќички во државава.

Никотински кесички: нов опасен тренд кај хрватските ученици

Царинска управа: Последен увоз на никотински вреќички без тутун е од пред еден месец

Последен увоз на никотински вреќички без тутун е евидентиран во февруари 2024 година. Ве известуваме дека никотинските вреќички без тутун се тарифираат како „други производи коишто содржат никотин кои се внесуваат орално во човековото тело“.

Од Државниот инспекторат за земјоделство во октомври 2023 година е добиено известување дека производот не е регулиран со Законот за тутун и тутунски производи и за истиот не е потребно да се бара дозвола.

ДПИ: Никотинските кесички да се додадат во Законот за тутун

Од Државниот пазарен инспекторат предлагаат никотинските кесички да се додадат во Законот за тутун, производи од тутун и сродни производни, во делот сродни производи.

„Сродни производи се производи кои се поврзани со производите од тутун, со електронските цигари, контејнерите за многукратно полнење, течностите што содржат никотин и производите слични на производите од тутун, а кои се изработени од растителни (билни) материјали.“, затоа што никотинските кесички се изработени од никотин (кој е дериват од тутунот) и адитиви, кои заедно претставуваат растителни (билни) материјали.

Во случај, ако пазарен инспектор, за време на надзор, се посомнева дека се продаваат тутунски производи на малолетници, пријавува во МВР, затоа што пазарните инспектори не може да легитимираат физички лица, особено не малолетници.

Целото видео погледнете го во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот