ВИДЕО+ФОТО: Бадникарскиот маскенбал во Тетово се помасовен со духовити и инвентивни маски

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

И оваа година бадникарскиот максенбал во Тетово го започнаа најмладите во доцните попладневни часови кои маскирани одеа од врата на врата и ја пееја познатата песна „Бдња баба“, а од домаќинките добиваа костени, ореви, паричиња.
Бдња баба:

Кој што спие

Нека стане

Нека меси колачиња

Ако нема колачиња

Нека даде паричиња

Ако нема паричиња

Нека даде оревчиња

Ако нема оревчиња

Нека даде јабучиња

Ако нема јабучиња

Нека даде се што има

Бадња Баба.

Потоа како што налага традицијата, повозрасните со духовити и инвентивни маски дефилираа низ тетовските улици, а забавата продолжуваше по тетовските кафулиња и ресторани.

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски
Фото: Слободен печат/Зоран Димовски
Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

„Добро е што Тетово има традиција која е специфична во Македонија и радува фактот што од година вгодина е се помасовна. Имаше пауза од две годиниза време на пандемијата, но гледам сега дека е се помасовен овој маскенбал од порано со многу интересни маски“, вели еден учесник на маскенбалот.

 

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

„Супер е маскенбалот, но според желбата што ја гледам кај жителите на Тетово кои прават се поинтересни маски, треба овој маскенбал да биде поорганизиран со неко централно дефиле низ градот, треба општината да биде покровител, и да биде препознатлив белег во Тетово“, додава друг жител на Тетово.

Не се знае од кога потекнува ваквиот начин на празнување.

Зоран Андонов новинар и фотограф со повеќе децениско искуство, вели дека традицијата на маскирање на дечињата е многу стара, а последниве неколку децении ја прифатиле помладите и повозрасните.

„Која јас бев дете пред околу 40 години и како е сега има, но и нема некоја разлика. Се пее познатата песна „Бдња баба“ која е карактеристична за Тетово. Разликата е во тоа што порано ние маските сами ги изработувавме, немаше костими за да се купат, туку најчесто тоа беа картонски маски со отвори за очите и устата, па земавме и ќумур и со ќумур го мачкавме лицето да изгледаме пострашни. Облекувавме некои стари алишта, се одеше по малата, се договаравме па се собиравме и делевме тоа што сме добиле. Сега последниве десетина години децава земаат готови маски можат да ги купат, се маскираат со разни шминки. Порано најчесто одеа децата, одеа и поврозрасните, но тие одеа по малата, но сега гледаме дека сите кафулиња се полни со маскирани разни ликови. Пред некоја година имаше иницијатива овој маскенбал да прерасне во организиран маскенбал како во Струмица или Вевчани. Тетово заслужува да добие таков маскенбал оти овие маски се навистина креативни за кои треба доста време да се направат, не се тие едностани маски кои се прават за половина или еден час“, вели новинарот и фоторепоретор Зоран Андонов.

Тој со фотоапаратот го овековечи и годинешниов маскенбал.

Фото: Зоран Андонов
Фото: Зоран Андонов
Фото: Зоран Андонов
Фото: Зоран Андонов
Фото: Зоран Андонов

Инаку синоќа во секое тетовско мало се палеше бадникарски оган и со посна трпеза се дочека хриството рождество.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот