ВИДЕО: Српските власти откриваат детали за контејнерот на смртта, мигрантите од Шид стигнале до Парагвај

Документиите пронајдени во транспортниот контејнер кој пред три месеци со ѓубриво е испратен од Србија за Парагвај, а во кој се пронајдени седум тела во фаза на распаѓање, потврдуваат идентитет на четворица од нив.

Станува збор за три момчиња од мароканско потекло и еден Египќанец, а нивните идентификациски картички се издадени во Транзитно – прифатниот центар во Адашевци кај Шид.

Како што пренесуваат „Новости“, контејнерот ја напуштил Србија на 21 јули, а на крајната цел во речното пристаниште во предградие на Асунсион, престолнината на Парагвај пристигнал порано од планираното. Како што во саботата потврди обвинителот Марсело Салдивар, пронајдени се вкупно седум жртви, а сите се возрасни лица. Повтори дека најверојатно станува збор за „слепи патници’.

Според податоците на локалните поморски власти во оваа јужноамериканска држава, натоварениот метален објект од Србија преминал во Хрватска, каде мигрантите, се претпоставува, веројатно планирале да го продолжат патот. Потоа преку Египет, Шпанија и Аргентина пристигнал до Парагвај, по поминати речиси 20.000 километри.

Еден од починатите е идентификуван како Ахмед Белмилоуди (20) од Мароко, другиот е Египќанецот Јаса Барбара (19). Парагвајските власти се уште го проверуваат контејнерот и деловите на починатите кои се во него пронајдени. Судскиот лекар Пабро Лемир изјави дека кај барем еден од нив може да се забележат „траги од задушување како причина за смртта“. Првите податоци веќе се испратени во Интерпол и Меѓународниот Црвен крст за да се утврдат околностите и фактите околу овој несекојдневен случај.

Парагвајските власти соопштија и дека контејнерот со седум безживотни тела која е пронајден во населбата Санта Марија де Асунсион во престолнината на оваа држава, е во сопственост на Вернон Ремпел, човек кој се занимава со дистрибуција на инсектициди. Токму Ремпел го отворил товарот во својот склад поради непријатната миризба.

– Кога го отворив тој контејнер, не можев веднаш да ги видам телата, но се чувствуваше голема смрдеа. Тогаш со помош на вилушкар и со своите работници ја извадив првата палета, забележав човечка коска, а потоа и остатоците од безживотните тела, кои беа во поодмината фаза на распаѓање. Веднаш ја прекинавме целата работа, го затворивме контејнерот и ја известивме полицијата, раскажа Ремпел за тамошните медиуми.

Мртви веќе три месеци?

Обвинителот Салдивар рече дека остатоците од телата на илегалните мигранти се во мртовечница, за да може форензичарите да ја утврдат староста, полот но и националноста. Првите наоди укажуваат дека мигрантите најверојатно умреле неколку дена откако некој ги „пикнал“ на пат без враќање.

– Сите тела се во фаза на распаѓање, а од нив останале само коски, коса и нокти. Судскиот лекар одредил дека причина за смртта е „непозната“, а датумот е веројатно пред 3 месеци. Кај две лица се пронајдени само лични документи, а имало и сметка од такси компанија од Србија, што навестува дека во таа земја влегле во контејнерот. Претпоставуваме дека во Србија стигнале од своите земји и дека планирале да отпатуваат до најблиската дестинација во потрага за подобар живот, но добро не ја пресметале дистанцата, и не го преживеале патувањето.

Необично е, вели парагвајскиот обвинител, непријатната миризба од контејнерот не привлекла ничие внимание во пристаништата во текот на тримесечното патување. Сопственикот на товарот  раскажа дека транспортната компанија испратила фотографии на кои се гледа кога контејнерот е натоварен и кога е затворен. Парагвајската полиција дополнително ја проверува рутата на контејнерот, а ќе ги испита и мобилните телефони, кои се пронајдени покрај телата.

Комесаријат за бегалци и миграции: Престојуваа кај нас

Од Комесаријатот за бегалци и миграции, за „Новости“ потврдија дека лицата чии идентификациски картички се најдени кај жртвите во контејнерот во Парагвај, престојувале во нивните центри и тоа последен пат во јули оваа година. Според Комесаријатот, картичките пронајдени кај нив се таканаречени идентификациски картички кои служат за внатрешна евиденција и се користат при поделба на оброци, проверка на бројната состојба и слично.

-Добро е што барем тие картички се пронајдeни за да се знае што се случило со тие несреќни луѓе. Очекуваме истрагата да покаже дали сами влегле во контејнерите, што е многу веројатно зошто често се случува, но во договор со некој друг, наведуваат од оваа институција.

Хорор во Парагвај: Во контејнер од Србија нашле 7 трупови, жртви на канибализам меѓу мигранти

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот