ВИДЕО | Потребно е поквалитетно образование, дигитални уреди не смеат да бидат привилегија

Фото: Слободен печат

Во однос на најавената дигитализација во образованието, младите велат оти тие не се против, но во името на сите ученици сакаат да се борат за тоа да бидат вклучени во спроведувањето на овие реформи.

Поголем слух од институциите, посебно во креирањето на младински политики, почитувањето на ставовите и нивно имплементирање, како и поквалитетно образование за секој ученик, се главните точки на кои младинските активисти во земјава сакаат да посветат повеќе внимание во иднина.

– Многу е важно да се слушнат барањата на младите и што тие сакаат и потоа во одлуките кои се носат на највисоко државно ниво да бидат вклучени токму тие работи за кои сме се залагале. Ние најмногу дискутираме за поквалитетно образование, сакаме повеќе можности, бараме прилика да покажеме со какви капацитети располагаме – вели основачот на Сојузот на средношколци Бленди Ходаи за „Слободен печат“.

Ходаи вели оти е задоволен од постигнатото во Сојузот, во поглед на младинските прашања, а сега својот фокус ќе го стави на кревање на гласот на студентите.

Како основно барање за напредок на младите е токму образовниот процес, а дел од активистите сметаат оти и на ова поле треба уште повеќе да се работи, посебно на еднаквиот пристап на уреди за следење настава за сите.

– Младите сакаат наместо умови да извезуваме успешни младински приказни, бидејќи знаењето никој не може да ни го одземе. Живееме во време кога сите информации се онлајн и лесно пристапни, затоа пристапот до дигитални уреди и интернет не смее да биде привилегија, туку можност и придобивка за секој млад човек. Наша обврска е и да ги потсетиме институциите оти младите се еднакви чинители во процесот на носење одлуки и креирање младински политики – вели за „Слободен печат“ младинскиот активист Марио Паунов.

Во однос на најавената дигитализација во образованието, младите велат оти тие не се против, но во името на сите ученици сакаат да се борат за тоа да бидат вклучени во спроведувањето на овие реформи.

– Дигитализацијата е добар чекор, но тоа не е доволно инклузивен чекор за да се направи општо добро во образованието, бидејќи недостигна поддршка од сите страни. Потребно е да се прашаат младите, да се вклучи нивното мислење во имплементацијата на идеите. Да, на телевизија гледаме млади примени во кабинет кај министер кои даваат мислење, но потоа истите не се вклучени во конкретната промена. Тоа треба да престане да биде пракса и ставовите на младите навистина да се реализираат – смета Александар Каратошо, млад европски амбасадор од Западен Балкан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот