ВИДЕО | Пандев: Како дете ја сакав Црвена звезда – Панчев и Најдоски оставија огромен белег

Српскиот фудбалски клуб денеска ја пречека легендата на македонскиот фудбал и голем навивач на Црвена звезда – Горан Пандев, кој во придружба на претседателот на клубот Светозар Мијаиловиќ ги посети просториите на клубот, музејот и уште еднаш ја потврди љубовта кон Звезда.
– Како дете ја сакав Црвена звезда и навивав за неа. Звезда е голем клуб и за нејзе играа големи играчи. Има неверојатна историја. Среќен сум што сум тука. Би сакал да му се заблагодарам на претседателот Светозар Мијаиловиќ и на сите во клубот. Ќе го ставам дресот на Звезда во колекцијата, мојот музеј. Ми недостасуваше црвено-белиот дрес со моето име, навистина сум среќен – изјави Пандев.
Музејот на Црвена звезда остави неверојатен впечаток кај Пандев, а поранешниот фудбалер на Лацио, Интер, Наполи, Галатасарај, Џенова и Парма верува дека клубот повторно ќе го освои пехарот на европскиот клупски шампион.
– Музејот е прекрасен. Видов сè што освои клуб како Црвена звезда, тоа е историја. Секогаш ќе биде запишано во книгите. Купот на Лигата на шампионите е врвен успех на секој клуб и фудбалер. Знам колку навивачите на Црвена звезда го сакаат клубот, за нив Звезда е сè. Се надевам дека што поскоро ќе ја освојат Лигата на шампионите, бидејќи Црвена звезда тоа го заслужува – вели нашиот поранешен репрезентативец.
Пандев во текот на кариерата имаше неостварена желба да заигра за Црвена звезда и истакнува дека голем дел од неговите сонародници оставиле белег играјќи за белградските „црвено-бели“.
– За Црвена звезда играа играчи од Македонија, но најголема трага оставија лично Дарко Панчев и Илија Најдоски. Ја освоија Лигата на шампионите, што е најголем успех и сон за еден играч, а знаеме колку е тешко. Сигурно е дека се одлични играчи и дека оставија огромен белег на Звезда. Среќен сум што Македонците постигнаа значаен успех со Звезда – се зборовите на Пандев.