ВИДЕО: Мостот кон „никаде“ на Шилегов – дел од поголем проект, од понеделник се уриваат куќите на трасата

Новиот мост на Вардар во Аеродром/ Фото: Слободен печат

И снимките од дрон кои екипата на „Слободен печат“ ги направи утрово над новиот мост на реката Вардар во Аеродром што интензивно се гради покажуваат дека тој не води „никаде“. Социјалните мрежи веќе го искористија ова за потсмев и злонамерни коментари.

На теренот стотина работници забрзано работат да се заврши изградбата на мостот кој ќе се вика „Михајло Апостолски“ на булеварот „АСНОМ“ кој ќе ги поврзува улиците „Васко Карангелевски“ во Аеродром и улицата „Индустриска“ во населбата Ќерамидница, во Гази Баба. Вкупната должина на трасата е 400 метри, а самиот мост е во должина од 150 метри, со шест коловозни ленти и како што е редот, со велосипедски и пешачки патеки од двете страни и соодветно ЛЕД осветлување.

Градските власти најавија дека веќе од понеделник ќе почне уривањето на куќите кои преку експропријација, се во сопственост на Град Скопје. Со овој зафат ќе почне и пробивањето на булеварот кон Гази Баба, кој според проектот треба да биде готов до јуни 2022 година.

Станува збор за масивен проект кој ќе се реализира во неколку фази, при што изградбата на мостот е една, а пробивањето на булеварот низ Општина Аеродром и Општина Гази Баба две сосема различни фази.

„Мостот во меѓувреме нема да води кон „никаде“ туку ќе биде приклучен на секундарната сообраќајна мрежа во населбата Ќерамидница. Таа секундарна сообраќајна мрежа ги вклучува помалите општински улици кои не се дел од градската мрежа, а не булеварите и градските улици по кои вози ЈСП. Тие ќе бидат поврзани со соодветни рампи и соодветни сообраќајни приклучоци со регуларен сообраќаен проект, брифираат од Град Скопје.

Граѓаните пак новиот мост веќе од наредниот месец ќе може да го преминуваат и пеш, со велосипеди или со автомобили додека не заврши целиот зафат на новата сообраќајница, како што е планирано во јуни 2022 година.

Во мај 2020 година, целосно беше реконструиран и проширен булеварот АСНОМ од крстосницата со улицата „Васко Карангелевски“ до булеварот „Србија“ кај мостот „Близнак“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот