ВИДЕО: Ја победивме Германија, Македонија за првпат играше на Европско првенство

македонија европско
Сите заеднички ги бодревме фудбалерите на Евро 2020/Фото: EPA-EFE/Robert Ghement/Vadim Ghirda/Mihar Barbu/EPA-EFE/Marko Djurica

Завршува спортската 2021 година која дефинитивно нема да се заборави, во која за првпат гледавме како една македонска А репрезентација настапува на Европско првенство.

Континенталниот собир требаше да се одржи во 2020 година, но поради пандемијата на коронавирусот истиот се одржа во 2021. Нашата сениорска селекција тогаш предводена од Игор Ангеловски преку Лигата на нации успеа за првпат да обезбеди учество на големо натпреварување.

Игравме во групата „Ц“ во Букурешт и Амстердам, резултатски не поминавме добро, со три порази, но присутна беше борбата и максималната ангажираност на нашите најдобри фудбалери пред навивачите кои што ги имаше во доста голем број особено во романскиот главен град.

Првиот гол за нашата А селекција на европските првенства го постигна Горан Пандев против Австријците, а вториот погодок во шампионатот беше дело на Езџан Алиоски против Украина.

– „ГРАНДЕ ПАНДЕВ“ ЈА ЗАВРШИ РЕПРЕЗЕНТАТИВНАТА КАРИЕРА

Пандев на натпреварот против Холандија ја заврши репрезентативната кариера, уште еднаш му се заблагодаруваме за сето она што го направи за националниот дрес. Моментно е најдобар стрелец на вечната листа со 38 постигнати голови. Доби дрес од холандскиот репрезентативец Џорџино Вајналдум со број 122, колку што имаше настапи за репрезентацијата.

Евро 2020, резултати – 

Македонија – Австрија 1:3
Македонија – Украина 1:2
Македонија – Холандија 0:3

Сегашниот селектор Благоја Милевски најави дека со сегашната генерација на млади, талентирани и искусни играчи ќе цели кон пласман на Европското првенство 2024 година.

Овој месец ги дознавме ривалите во новото издание од Лигата на нации преку која повторно ќе се обидеме да обезбедиме учество на Европско.

– ЗА ПРВПАТ ЌЕ ИГРАМЕ ВО МУНДИЈАЛСКИ БАРАЖ

Во меѓувреме Македонија играше и редовни квалификации за пласман на Светското првенство во Катар кое ќе се одржи во необичен термин поради топлите температури во земјата домаќин, односно од 21 ноември до 18 декември 2022 година.

Популарните „рисови“ не беа меѓу фаворитите во квалификациската група „Ј“, но на крајот со своите одлични игри за првпат во нивната историја завршија како второпласирани, место во мундијалскиот бараж кој ќе се игра во нов формат.

Во тие квалификации за одбележување е сензационалната победа над четирикратниот светски шампион Германија на 31 март 2021 година со резултат 1:2 на стадионот во Дуизбург со головите на Пандев и Елиф Елмас.

Квалификации за СП 2022

Конечна табела:
1. Германија 27 бодови
2. Македонија 18
3. Романија 17
4. Ерменија 12
5. Исланд 9
6. Лихтенштајн 1

Добивме тежок ривал на патот кон Мундијалот, односно на претпоследната пречка ќе му гостуваме на актуелниот европски шампион Италија на 24 март 2022 година, а пет дена подоцна во финалето победникот ќе игра на гостински терен против Португалија или Турција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот