
РК Еурофарм Пелистер: Не побаравме милост од никого, можни се две решенија за полуфиналните куп мечеви
Откако дојде до согласност меѓу РК Вардар 1961 и РК Алкалоид наместо во четврток да го играат полуфиналето од ракометниот Куп на Македонија в петок, и истото веднаш беше прифатено и потврдено од Ракометната федерација на Македонија, сега РК Еурофарм Пелистер излезе со ново соопштение во кое нуди две решенија за одредување на термините на полуфиналните натпревари.
Препорачано
Битолскиот клуб очекува од страна на РФМ јавно извинување за ненамерно направената грешка и за својата одлука прво да бидат известени клубовите.
Со големо внимание РК Еурофарм Пелистер ги прочита денешните соопштенија на Вардар и Алкалоид и надоврзано на тоа известувањето за медиумите од РФМ.
– Најпрво сакаме да искажеме голема благодарност на спортските колективи РК Вардар 1961 и РК Алкалоид што поаѓајќи од спортски побуди и начелото на фер плеј, согледувајќи ја незаконската и штетна одлука за спортот донесена од страна на РФМ, одлучија да помогнат во надминување на непријатната ситуација во која се најдовме сите ние. Посебно сме благодарни на РК Вардар 1961 кои претходно со ништо не придонесоа сите ние да се најдеме во ваква ситуација (ние во нашите соопштенија внимателно кога споменувавме спортски колективи користевме еднина).
Во однос на Известувањето до медиумите од страна на РФМ (за кое претходно не бевме информирани, уште помалку прашани за согласност) истото го прифаќаме само како барање на алиби и начин да се излезе од ситуацијата, а без притоа да се признае дека е направена груба грешка и донесена е погрешна одлука. Според нас тоа не е начин на исправно делување. Ние милост не побаравме од никого. Ние побаравме нашата „борба“ да се разбере исклучиво како „борба“ за правда и почитување на законските одредби. Следствено на тоа за нас во овој момент тотално е неприфатливо нашата екипа усилено и однапред да стане „повластена“.
Според нас, во овој момент можни се две решенија:
1. Да се почитува првичниот извлечен распоред
16.05.2024 19.30 часот РК АЛКАЛОИД – РК ВАРДАР 1961
17.05.2024 19.30 часот ГРК ТИКВЕШ 2014 – РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР
19.05.2024 19.00 часот ФИНАЛЕ
2. И двете полуфинални средби да се играат во четврток (16 мај) или петок (17 мај). Што се однесува до термините за одигрување ние сме согласни доколку има потреба (за да го испочитуваме и терминот за женските полуфинални натпревари) и во двата предложени датуми да играме од 14.00 часот. Само во ваков случај ќе биде испочитуван Правилникот донесен од страна на РФМ и ќе се почитува начелото на фер плеј и рамноправност – стои во дел од изнесениот став на РК Еурофарм Пелистер.