ВИДЕО: Исланд ја чека ерупцијата на вулканот, денеска се регистрирани околу 2.000 земјотреси

Исланд вулкан / Фото EPA-EFE/ANTON BRINK

Сеизмичката активност и подземните текови на лава се интензивираа во изминатите неколку дена на полуостровот Рејкјанес, во близина на главниот град Рејкјавик, поради што властите пред шест дена евакуираа речиси 4.000 луѓе од рибарскиот град Гриндавик.

Според метеоролошкиот оддел на Исланд, во последните 24 часа се регистрирани околу 2.000 земјотреси, а се уште постои голема веројатност за ерупција на вулкан.

Во последното известување од метеоролошката служба се наведува дека изворот на ерупцијата најверојатно се наоѓа северно од градот Гриндавик, во близина на планината Хагафел.

„Во последните 24 часа се регистрирани вкупно околу 2.000 земјотреси. Повеќето од нив се мали земјотреси под јачина од 1, но утринава во 6:35 часот е измерен земјотрес со јачина од 3 степени во Хагафел“, известија тие.

„Како да седите во некој многу досаден филм, но сте заглавени таму, не можете да излезете од него. Тоа е нереално. Тешко е да се свари“, изјави 62-годишниот Ејнар Дагбјартсон. Тој е еден од евакуираните жители на Гриндавик. Дагбјартсон рече дека со денови не спие добро и постојано ги проверува вестите за да види дали ерупцијата започнала.

Дагбјартсон вели дека се надева дека ќе може да се врати дома и покрај сѐ. „Дури и половина град да потоне, да преживее пристаништето, важно за живот, сè ќе биде обновено. Ако пристаништето исчезне, тогаш веќе нема живот овде“, рече тој.

„Никој повеќе не живее овде. Од 3.800 жители, сега има нула“, изјави Стефан Велемир, локален полицаец, додавајќи дека некои куќи се веќе целосно оштетени бидејќи земјотресите создале големи пукнатини на улиците и тротоарите во градот и вода се излева од нив.

„Дозволуваме луѓето да влезат во нивниот дом по пет минути. По еден човек од секој дом оди по пет минути и ги грабнува сите потребни работи“, рече Велемир.

Ингибјорн Гретарсдотир изјави дека морала да чека во ред пет часа, надевајќи се дека ќе се врати во градот за да ги собере работите од нејзиниот дом во црвената зона – областа која се смета за најопасна и најблиску до местото каде што се очекува ерупцијата.

„Градот изгледа страшно. Многу е тешко да се оди таму и да се види сè. Лавата е под нашата куќа… Не знаеме дали ќе имаме дом или што… Не знаеме ништо“, рече таа, откривајќи дека нејзината куќа засега е во добра состојба, но земјата недалеку од куќата потонала за околу 90 сантиметри.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот