ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Спасовски: Дел од хибридна војна и сценарио е случајот во Охрид, од иста групација се тепачите и тепаниот

Оливер Спасовски - министер за внатрешни работи / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Дел од хибрдната војна против Северна Македонија е и последниот случај во Охрид, со претепувањето на Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот културен клуб поради кој овие денови се нарушија кревките македонско бугарски односи, дециден е министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во гостувањето во емисијата „Утрински печат“.

– Луѓе од иста групација и се оние коишто тепаат и оние коишто се тепани. Тоа ја докажува таа хибридна војна. Секое инкриминирачко дејство што се прави државата реагира во овој дел и ние кажуваме дека не може во ниту еден момент, ниту еден граѓанин, без разлика на национална, верска, политичка и било која друга припадност да биде физички нападнат и да биде малтретиран. На тоа државата јасно ќе се спротивстави и ќе преземе мерки какви што презема и во овој случај. Иако се обидуваат да ни накалемат, дека  државата не презема мерки за некоја категорија на граѓани, дека не води ефикасни истраги, што не е точно,  рече Спасовски.

Спасовски потенцира дека последните случувања се дел од поголемо сценарио, зад кое стојат одредени неодговорни политичари кои не сакаат да имаат добри односи во регионот.

-Тоа го прават заради тие интереси што ги имаат, политички, геостратешки и  да покажат дека овде државата не ги почитува своите граѓани што апсолутно не е точно. Државата не само што не ги сторила овие кривични дела тука се спртивставува, води истрага за тоа, судскиот систем итн, се е ставено во функција, нагласува министерот.

Тој се осврна и за лажните вести кои циркулираа во врска со случајот Пендиков кои ги подгреаја тензиите меѓу двете земји.

-Многу лажни вести се шират во овој дел. Не реагирала полицијата иако било пријавено, не реагирало здравството, што не е точно.  Веднаш после пријавата, после сознанијата македонсктите полицајци отидоа во болница за да видат што се случува, да земат изјава, се дадоа првичните изјави. Во болничките центри, во Општа болница се преземени мерки, од првично згрижување на пациентот и заминување во Св. Еразмо Охридски. Ова мора да го знае македонската јавност за да не бидеме манипулирани поради неинформираност, не заради друго, дециден е Спасовски и додава дека сите овие манипулации што се прават од надвори и внатре во земјава имаат одредена цел.

-Никој апсолутно нема право да смета дека нарушувањето на односите на државата со друга држава, нарушување на меѓуетничките односи  внатре во државата, меѓуконфесионалните односи, па и ако сакате меѓуполитичките односи внатре во држава нема да ни допринесе, нам како политичари и на политичките субјекти одреден поен.  Тоа е политика на многу краток рок, нема политика која на долг рок нема да донесе просперитет, продолжи Спасовски.

Тоа што повредениот Пендиков експресно беше префрлен во Бугарија на лекување, е исто така дел од смислено сценарио.

-Секако дека ова е креирање на сценарио, со кое се сака да се покаже наводна грижа, а исто таква и подобра може да добие и во установите во РСМ. Нашиот дел ќе го правимее. Не смее да подлегнеме на провокациите од било која страна која ќе го нарушат нашиот меѓудржавен однос, кој ќе го нарушат нашиот пат кон ЕУ. Иако сметам дека сериознио државата мора да реагира и да одговори на секоја провокација и навреда на македонскиот народ и македонската држава, рече Спасовски.

Во државата постојат елементи кои не посакуваа да бидеме членки на НАТО и сега не посакуваат да бидеме во ЕУ, дециден е министерот Спасовски.

Спасовски: Ние сме народ со трпение, но нема да дозволиме некој да дојде и да нѐ понижува

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот