ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Марко Трошановски: Идентитетските отстапки чинат довербата во ЕУ од година в година да се намалува

Марко Трошановсми - Институт за демократија / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Анализата на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон ЕУ, не е единствено истражување кое е направено на оваа тема кое укажува дека има пад на довербата кон ЕУ. Напротив во тој дел истражувањата направени кај нас се доста конзистентни и ја покажуваат токму оваа траекторија. Но, пред се, би сакал да бидам внимателен околу квалификацијата за „рекордно најниското ниво“ на доверба кон ЕУ, бидејќи на прва рака се алудира дека таа доверба всушност не постои. Напротив, фактичката ситуација е дека довербата во Европската унија во земјава е се уште доминантно мнозинска и висока. Меѓутоа не толку висока колку што била во минатото, изјави Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ при негово гостување во емисијата „Утрински печат“.

– Друг интересен податок кој може да се издвои околу падот на доверба кон ЕУ е тоа што пак во изминативе години всушност имаме стабилизација на овој феномен. Односно довербата на населението кон ЕУ е се уште е на високо ниво и таа во проценти изминативе години константно се движи одколу 64 отсто кај граѓаните, кои сметаат дека на Македонија сепак местото и е во Европската Унија. Позитивна работа за издвојување во истражувањето е нашето воочување дека во земјава има зголемување на перцепцијата кај граѓаните дека сепак Унијата е нашиот најдобар сојузник. Кажано во бројки, имаме за околу 20 отсто зголемување на размислувањата кај граѓаните дека Унијата е влијателен играч и единствен вистински партнер на Македонија – објаснува Трошановски.

Трошановски посочи зошто во истражувањето на Инстотутот за демократија има значителен јаз меѓу двете најголеми етнички заедници во земјава околу нивото на поддрша за членството на земјава во ЕУ.

– За жал поделеноста на општеството по етничка основа е се поголема, за што впрочем говорат и овие податоци од спроведената анализа. Колку и да сакаме да создаваме романтична приказна за едно општество, очигледно партиите особено оние од албанскиот блок ги продлабочуваат етничките конфликти помеѓу луѓето и тој соживот е значително раздрман овој период. Во однос на тоа зошто поддршката е различна, сакам да дополнам дека тоа е така бидејќи процесот за пристапување кон ЕУ за Македонците подразбираше идентитетски отстапки, вклучувајќи го тука и договорот од Преспа, но и поледниот француски договор кој се однесуваше на почетокот на преговорите со Унијата – посочи првиот човек на „Социетас цивилис“.

Според наодите на Институтот на демократија голем дел од Македонците се противат на уставните измени кои се единствениот услов засега за продолжување на преговорите, за кои Трошановки тврди пак дека за таквото расположение кај Македонците резултат се пропустите во политиките на ЕУ кога станува збор проширувањето кон земјава.

– Овој отпор кон уставните измени, произлегува од перцепцијата на луѓето дека сепак има скриен мотив за тоа инсистирање за вметнување на Бугарите во Уставот. И дека тоа во исто време нема да биде единствената пречка која Македонија ќе се соочи во преговарачкиот дел со Унијата – објаси Трошановски.

Трошановски посочува дека дома ќе растат притисоците за предвремени избори, нои во исто време тој истакна дека е противник земјава да влезе во уште еден предвремен изборен циклус.

– Јас сум против идејата по секоја цена Македонија да има предвремени избори и по праксата која ја негува земјава по оваа проблематика а таа е да секое парламентарно мнозинство не успее да го дочека својот мандат до крај. На крајот на краиштата една политичка гарнитура добива мандат да ја води земјата во наредните четири години. Тоа може да го прави добро од почеток до крај но и обратно тоа да биде добро на почетоците и подоцна да стане катастрофално и обратно. Ниту во еден од овие случаи не треба да биде изговор за предвремени избори, бидејќи државата не смее да влегува во бесконечни изборни циклуси од година в година и со тоа да се прави опструкција на демократските процеси какви и да се тие – заклучи Трошановски.

Трошановски во емисијата зборуваше за доаѓањето на Жозеп Борел во Македонија, кои би биле можните разврски на состанокот во Охрид меѓу српската и косовската делегација но и за тоа колку Отворен Балкан има потенцијал да создава амбиент за помирување и за спроведување на евро-атланските вредности.

Повеќе од разговорот проследете го во видеото во продолжение…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот