ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Ацо Костов : Повлекувањето на измените на Законот за културно наследство е за поздрав, но состојбите се катастрофални

Ацо Костов - професор, архитект / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Како професионалец во оваа сфера го поздравувам експресното откажување од иницијативата за менување на Законот за заштита на културното наследство. Од друга страна сакам да истакнам дека е поразително после 30 години расправии за состојбите на културното наследство во земјава кое што впрочем треба да биде и одлика на оваа држава според мене и една од главните причини за развој на економијата, состојбите со спомениците на културата да бидат катастрофални и поразителни. Ова меѓу другото го истакна поранешниот директор на Управата за зачувување на културното наследство Ацо Костов при гостување во емисијата „Утрински печат“ говорејќи на тема околу скандалозните одредби од договорот на Владата со Бехтел и Енка за Коридорот 8 според кои требаше да се извршат промени во Законот за заштита на културното наследство.

– Несомнено е дека Законот за културното наследство треба да се менува, но не на вакви колонијалистички начини како што се прави сега. Со последниот случај познат на јавноста се обиде да се менува еден Закон за потребите на некоја фирма. Тоа наведува дека таквиот чекор е надвор од разумното размислување но и дека ова укажува дека се потребни итни реформи и стратегија во заштитата на културното наследство во земјава направени пред се од професионалци, но не од партиски војници и несоодветно образовани лица – рече Костов.

Според поранешниот прв човек на Управата за зачувување на културното наследство во времето на неговото менаџирање на институцијата била изготвена стратегија за развој и чување на историското наследство, но поради смена на министерската позиција овој план никогаш не добил зелено светло за реализација.

– Поради смена на министерот за култура овој наш план остана некаде заборавен во фиоките на министерството. За нас како професионалци овој момент е поразителен. Фактот што се изгубени средства но и време за подготовка на овој план отвора празен простор во овој сектор кој многу тешко ќе може професионално и соодветно да се пополни, говорам за нови планови за развој на истоимената област. Нас ни се случува овој проблем во речиси сите области, меѓутоа сметам дека за културата ова е поразително иако можеби утре ќе има пари за реализација на таквите проекти, но, ќе нема соодветен стручен кадар кој би можел тоа да го реализира – посочи Костов.

Костов ги подржува сите протести на здруженијата кои се борат за заштита на археологијата и зачувување на историското наследство во земјава.

– Ги поддржувам колегите во целата нивна иницијатива особено во нивните напори кои се однесуваат за археологијата и спорниот член 63 од Законот. Ние во минатото се соочувавме со слични проблеми со истиот член кога се работеше и на трасата Куманово – Бељаковце. Тогаш настанаа некои проблеми па инспекциските служби беа приморани да интервенираат, бидејќи имаше археолошки пронајдоци таму. Токму тоа и денес е проблемот поради кој се кршат копјата бидејќи тој член предвидува дека доколку се пронајде случајно историско откритие тој процес цел мора да го плаќа државата, спорен момент за власта тогаш но и  сега – објаснува Костов.

Поранешниот директор на Управата за зачувување на културното наследство Костов во своето гостување зборуваше и за тоа што е поважно за јавниот интерес кога станува збор инфраструктурните проекти за развој на државата или заштитата на културата. Костов анализираше и за тоа каква е состојбата на спомениците на културата во земјава но и за кратењето на буџетските средства од година во година за заштита на историските вредности во Македонија и состојбите со УНЕСКО.

Повеќе од разговорот со Ацо Костов погледнете во видеото во продолжение.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот