ВИДЕО | Има 30 години: Запознајте го Боби, најстарото куче во историјата

Боби, најстарото куче во свето / Фото: Гинисови светски рекорди

Две недели откако Спајк беше прогласен за најстарото живо куче во светот, Гинисовата книга на светски рекорди доби доказ за уште постаро куче. Боби е роден на 11 мај 1992 година и не само што е најстарото живо куче во моментов, тој е најстарото куче во историјата, пишува на веб-страницата на Гинисовите светски рекорди.

Кучето Боби од раѓање живее со семејството Кошта во селото Конкеирош близу западниот брег на Португалија. Ѝ припаѓа на расата рафеиро до алентежо, чиј просечен животен век трае помеѓу 12 и 14 години. Во 1992 година, Боби бил регистриран во ветеринарната станица на општината Леирија, која го потврдила неговиот датум на раѓање.

Неговата возраст била потврдена и од базата на податоци за домашни миленици одобрена од португалската влада и управувана од Националниот сојуз на ветеринари. Претходното најстаро познато куче беше Блуи од Австралија, кое угинало во 1939 на возраст од 29 години и пет месеци.

Боби е роден како едно од четирите машки кученца во куќарката каде семејството Кошта складирало дрва.

„Имав осум години“, вели Леонел Кошта, кој денес има 38 години.

Таткото на Леонел, поради големиот број животни кои ги чувале, одлучил дека нема да ги задржат новородените кутренца. Ден по раѓањето на кученцата, родителите на Леонел влегле во куќарката и бргу ги однеле бебињата додека нивната мајка Гира не била присутна. Меѓутоа, брзајќи, тие не приметиле дека оставиле едно кученце.

Леонел се сеќава дека тој и неговите браќа биле тажни поради тоа што останале без кутрињата, но забележале дека Гира продолжила да оди во куќарката каде што се породила. Решиле да ја следат и откриле дека таму е малечкиот Боби. На почетокот, тие го чувале во тајност. Знаеле дека родителите нема да им дозволат да имаат куче. Кога родителите го откриле кучето, било предоцна и морале да го прифатат.

„Признавам, кога дознаа дека имаме куче, нè казнија, но вредеше“, вели Леонел, кој смета дека најголемиот фактор за долговечноста на Боби е тивката околина и животот подалеку од градот. Боби никогаш не бил врзан со ланци или на поводник, тој секогаш уживал во слободата.

Леонел го опиша Боби како многу социјално куче, бидејќи пораснал со други животни. Отсекогаш бил авантурист, но сега неговата возраст веќе му го отежнува одењето, па времето го поминува во дворот со мачките. Видот исто така му се влошил, а во последните години сè повеќе се одмара, особено после јадење.

Што се однесува до исхраната, Боби отсекогаш ја јадел истата храна како онаа која ја јаделе неговите сопственици.

„Што јадевме ние, јадеше и тој. Помеѓу конзерва кучешка храна и парче месо, Боби воопшто не се двоуми и секогаш избира човечка храна“, вели неговиот сопственик.

Боби бил во добра здравствена состојба во текот на целиот живот, со исклучеок на една хоспитализација во 2018 година, кога имал потешкотии со дишењето. За среќа, успеал да се извлече.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот