ВИДЕО I Андоновиќ: Курти најави промени по победата на Самоопределување, Српската листа ги освои сите 10 мандати

Фото: EPA-EFE/VALDRIN XHEMAJ

Партијата Самоопределување (ВВ) на Албин Курти оствари убедлива и рекордна победа на вчерашните парламентарни избори на Косово. Според досегашните и нецелосни резултати, Самоопределување освои околу 48,22 проценти од гласовите, што преточено во мандати значи 56 пратенички места. Втора е Демократската партија на Косово со 20 пратеници, а на третото место е Демократскиот сојуз со 16 пратенички мандати. Партијата на поранешниот премиер Рамуш Харадинај, Алијанса за иднината на Косово, освои девет мандати во косовското Собрание што брои 120 места.

Голем успех на вчерашите избори на Косово забележа Српската листа која ги освои сите, со Устав загарантирани 10 мандати. Српската листа е во тесна соработка и ужива поддршка од властите во Белград и претседателот Александар Вучиќ. Уште 10 пратенички места, според Уставот, се загарантирани на помалите етнички заедници во земјата и засега нема информации кои субјекти ќе ги освојат истите.

Според проекции на медиумите, засновани на прелиминарните резултати, се очекува Самоопределување да освои меѓу 55 и 58 пратенички места во Собранието, што значи дека и покрај убедливата победа, сепак, нема да може да формира влада без поддршка од друг политички субјект.

Досегашниот премиер Хоти ја презеде целосната одговорност за, историски, најслабиот резултат на неговата партија, а партискиот лидер Иса Мустафа, заблагодарувајќи му се на Хоти за „извонредната работа“ на изборите, најави „длабока анализа“ на состојбите во партијата и причините за слабиот резултат.

Лидерот на ААК, Харадинај, исто така, му честита на ВВ за победата и рече дека резултатот на неговата партија е „во рамки на предвидувањата“ и се понуди за коалиција.

Вчерашните, осми по ред парламентарни избори во Косово од осамостојувањето на земјата по војната со Србија во 1999 година, според оценката на Централната изборна комисија (ЦИК) и на сите учесници и набљудувачи, се одржаа во демократска атмосфера и минаа мирно и без инциденти.

Анализите укажуваат дека победата на „Самоопределување“ може дополнително да ја искомплицира, и онака, сложената ситуација околу дијалогот за решавање на деценискиот спор со Србија. За време на својот 50-дневен мандат во минатата година, Курти како тогашен премиер на Косово отфрлаше било какви разговори со Белград кои би се однесувале за оспорување на косовската независност. Тој јавно се залагаше за дијалог во кој не смее да има никакви компромиси околу статусот на Косово, чија државност е одамна е завршена работа.

Токму овој став на Курти, како и контролата на Белград преку Српската листа на Косово, би можела да го одолговлечи постигнувањето на напредок и постигнување на договор меѓу Белград и Приштина. Победата на движењето Самоопределување доаѓа на точно една година, откако во март лани му беше изгласана недоверба во косовско Собрание.

Нестабилната влада на Курти беше на власт околу 50 дена и откако го разреши министерот за внатрешни работи од редовите на коалицијата со ЛДК на Авдула Хоти му беше изгласана недоверба, по што падна неговата влада.

Негов наследник беше Авдула Хоти, чија влада по неколкумесечно владеење со Косово, во декември во 2020 година падна, откако уставниот суд ја прогласи за нелегетимна, бидејќи еден од пратениците чиј глас го добил за доверба бил нелегетимен бидејки бил кривично гонет и бил во затвор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот