ВИДЕО: Германците се одмаздија во Скопје и си обезбедија „билет“ за Светско

Германија ја оправда фаворитската улога против Македонија на Националната арена „Тодор Проески“/Скопје, Македонија/11 октомври 2021/Фото: EPA-EFE/VALDRIN XHEMAJ

Вечерва во својот осми натпревар од квалификациите за Светското првенство 2022 македонската А репрезентација загуби во Скопје со резултат 0:4.

Избраниците на селекторот Ханси Флик на тој начин се одмаздија за поразот во март годинава во Дуизбург кога славевме со 1:2, а освен тоа го обезбедија пласманот на следниот Мундијал во Катар 2022.

И пред мечот се знаеше дека гостите ја имаа фаворитската улога и истата ја оправда на убедлив начин.

Во првото полувреме немаше голови, противникот доминираше во секој поглед, со повеќе контрола на топката, а ние останавме без еден од важните играчи Адеми поради повреда.

Димитриевски кој заедно со Ристевски и Алиоски славеа јубилеј, по 50 пат во националниот дрес, имаше доста работа, а непосредно пред паузата имаше и среќа кога Вернер ја погоди стативата.

Германците во секој поглед доминираа на дуелот со Македонците, Каи Хаверц во дуел со Стефан Ристовски/Скопје, Македонија/11 октомври 2021/Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Сè што не реализираа во првите 45 минути, Германците го реализираа целосно во вториот дел.

Во 50 минута невнимание во нашата одбраната, во прав момент беше пронајден Милер, а овој му асистираше на Хаверц на кој не му беше тешко да погоди во празната мрежа, Димитриевски беше немоќен.

Сите дилеми околу победникот беа решени за три минути и тоа преку Вернер кој напрвин стрелаше во 70 после убавата асистенција од Милер (негова втора на мечот) и во 73 минута со еден фантастичен удар играчот на Челси го совлада Димитриевски.

Конечниот епилог беше поставен во 83 минута, Адејеми комбинираше со Мусиала за потврда на триумфот, вкупно седми во овој квалификациски циклус.

Квалификации СП 2022
Национална арена „Тодор Проески“ – Скопје

Македонија – Германија 0:4

Македонија: Димитриевски, Алиоски, Велковски, Муслиу, Ристовски (Ашковски 77`), Адеми (Спировски 29`), Николов (Ракип 58`), Костадинов (Ристевски 77`), Елмас, Јаховиќ (Миовски 58`), Чурлинов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот