ВИДЕО| Борче Митевски: Ако ме предложи партијата, ќе ја барам довербата од граѓаните по четврти пат

Пандемијата не остави никакви последици врз работењето на општина Петровец, напротив, дури се зголеми и бројот на инвеститори, но сепак се одрази врз животот на граѓаните кои истанаа без работа, вели градоначалникот на Општината, Борче Митевски.

-Среќен сум што голем број инвеститори ги отвораат вратите за вработување на граѓаните од општината и исплатуваат солидни плати, бидејќи голем број граѓани кои работеа во градските средини, останаа без работа. Горд сум што во 2020 и 2021 година Општина Петровец е водечка по бројот на домашни и странски инвестиции. Само пред еден месец 17 нови инвеститори дојдоа во мултифункционалната зона Чојлија, нагласи Митевски.

Според него, близината до автопатот Е75, близината до аеродромот, добрата инфраструктура како и ниските комуналии се причина поради која инвеститорите инвестираат во Чојлија.

Градоначалникот на Петровец вели дека не било лесно да се обезбедат пристојни услови за живот на жителите од општината, но сега веќе поголем дел од територијата е покриена со водоводна и канализациона мреажа, а континуирано се работи и на подобрување на патната инфраструктура.

-Околу 80 проценти од населените места Петровец и Ржаничино се покриени со канализациона мрежа. Во Катланово завршивме со проектот за канализациона мрежа, а во Горно Коњари имаме 90 посто поставеност на канализациона мрежа. Единствено Огњанци нема канализација, таму работиме во моментов, за што издвоивме 250 000 евра, средства од Буџетот на општината, рече Митевски и нагласи дека сите проекти ги реализираат искличиво со сопствени средства, бидејќи се наоѓаат во стабилна финансиска состојба.

-Ние сме единствена општина која има позитивно финансиско салдо, немаме никаков долг. Тоа е пред се резултат на домаќинското работење, но и поради продажбата на парцелите и влезот на инвеститорите во општината, нагласува Митевски, на кого му истекува третиот градоначалнички мандат, по што веројатноста да се кандидира за нов мандат е голема, но зависи од ставот на партијата од која доаѓа, ВМРО- ДПМНЕ.

-Извршниот комитет на ВМРО- ДПМНЕ и претседателот Христијан Мицковски ќе го имаат последниот збор околу мојата кандидатура за нов мандат. Доколку сметаат дека можам и понатаму да раководам со општината, ќе се кандидирам за градоначалник, ако не сметаат, ќе се повлечам, додаде Митевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот