ВИДЕО | Андоновиќ: Предлогот на Макрон за безбедносни гаранции на штета на Украина и во корист на Москва

Макрон, Путин и Зеленски/ Фото Слободен печат

Предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон да и се дадат безбедносни гаранции на Русија за време на мировните преговори дека НАТО нема да се прошири понатаму на исток, ги вознемири духовите на Киев и украинските сојузници кои деновиве силно негодуваат против оваа идеја.

Најголемата драма, поради оваа изјава на Макрон, се појави на Балтикот. Имено некогашните закоравени неутрални држави, Шведска и Финска се на чекор до членство во Алијансата, бидејќи стравуваат од натамошното ширење на Русија со својата агресивна воена политика. Не се мирни ниту полноправните членки, како балтичките Литванија, Летонија и Естонија, кои се наоѓаат на самата граница со Русија, и кои како поранешни советски републики имата трауми од рускиот начин на решавање на проблемите.

Сите овие држави сметаат дека Русија во моментов веќе ги има сите безбедносни гаранции доколку не ги нападне, анектира или окупира соседите. Поранешниот шеф на литванската дипломатија Линис Ликвевичијус излезе со обвинување дека предлогот на Макрон всушност создава нова безбедносна архитектура која ќе и дозволи на, како што ја нарече, терористичката држава Русија да продолжи со своите методи на заплашување.

– Идејата дека со тоа што Западот и дава на Русија безбедносни гаранции, руската инвазија на Украина може да се стави крај – паѓа во стапицата на наративот на Путин дека Западот и Украина се одговорни за оваа војна и дека Русија е невина жртва – рече тој за „Фајненшл тајмс“.

Како што истакнува овој медиум, „коментарот на Макрон се чини дека му дава доверба на тврдењето на Путин дека НАТО се проширил кон границите на Русија со прифаќање на поранешните советски држави и дека тоа е легитимна причина за инвазијата“.

Инаку, францускиот претседател го изрази своето мислење за неопходноста од безбедносни гаранции за Русија по разговорот со американскиот претседател Џозеф Бајден.

– Мора да размислуваме за безбедносната архитектура во која сакаме да живееме утре. Поради оваа причина, особено ќе разговараме за зборовите на претседателот Владимир Путин дека НАТО се приближува до границите на Русија, распоредувајќи во нејзина непосредна близина оружје што може да и се заканува – изјави Макрон за француската телевизија „ТФ1“.

Француски дипломати, во обид да го оправдаат овој настап на Макрон за Фајненшл тајмс ја отфрлија оценката дека Макрон е мек кон Русија во својот став, но дополнија дека на Европа ќе и треба „нова безбедносна архитектура“ за да избегне идни војни.

Париз се залага Русија да биде дел од разговорите а не да се игнорираат нејзините барања, велат анонимни француски дипломати.

Улогата на Париз и пред се на францускиот претседател Макрон, за разлика од останатите НАТО сојнузници се разликува од првиот ден на руската агресија врз Украина. Макрон беше првиот од двајцата западни лидери кој се сретна со Путин во време кога целиот свет го смета актуелниот руски престедател за воен злосторник. Иако начелно со подршка на Украина и НАТО политиката за помош во борбата против руската агресија, Макрон во своите изјави се залага за постигнување на мир со Русија преку правње на одстапки и компромис на штета на Украина. Став кој за официјален Киев е неприфатлив.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот