ВИДЕО | „Ало, мамо, жив сум“ – мајка од Украина го закопала синот во 2023 година, а сега ѝ се јавува жив и здрав
Семејството на украинскиот војник Назар Далецки било убедено дека тој загинал на бојното поле. Во 2023 година мислеле дека ги погребале неговите посмртни останки на селските гробишта во западна Украина. Но, оваа недела Назар ја повикал својата мајка – ослабен и исцрпен, но жив. Тој бил ослободен од руско заробеништво во последната размена на заробеници, пишува Би-Би-Си.
Препорачано
„Ме преплавија емоции“, изјавила за Би-Би-Си мајката на војникот, Наталија, сè уште потресена од шокот.
Радоста на семејството е забележана на видеоснимка од првиот повик. На снимката се слуша како Наталија го прашува синот дали е цел.
„Имаш ли раце, нозе, дали сè е на место?“, прашала таа.
„Злато мое, толку долго те чекав“, му рекла на синот. Во позадина, братучетката на Назар, Роксолана, вреска и скока од среќа.
„Беше толку чудно. Го погребав синот, а сега му го слушам гласот. Можете ли да замислите како се чувствува една мајка? Среќа. Неопислива среќа. Не можев да ги запрам солзите“, рекла Наталија.
Приказната за „враќањето од мртвите“ на Назар е неверојатна, особено во земја погодена од војна, каде секоја добра вест е драгоцена.
Кога Русија во 2022 година ја започна инвазијата, Назар, кој тогаш имал 42 години, веднаш се вратил на бојното поле, бидејќи како борец од 2014 година бил искусен.
„Воопшто не се двоумеше. Веднаш замина“, раскажала неговата братучетка.
Но, во мај таа прва воена година, Назар исчезнал во борбите. Неговата мајка тогаш примила повик од маж кој зборувал руски и ѝ рекол дека Назар е заробен, но дека „сè ќе биде во ред“.
Семејството не знаело дали може да му верува, а официјални информации немало сè до една година подоцна, кога Наталија била известена дека во мртовечница на југоистокот од Украина е идентификувано тело, и тоа со помош на ДНК примерок што таа го дала.
„Телото беше изгорено. Пронајдоа неколку тела во изгорен автобус. Кога почнаа да ги проверуваат списоците на исчезнати војници, податоците се совпаднаа“, се присетила Роксолана. „Тоа тело го идентификуваа како на Назар“, додала таа.
Семејството ги презело посмртните останки, организирало погреб и тагувало.
Минатиот септември следувал неверојатен пресврт. Војник кој штотуку бил ослободен од руско заробеништво ги повикал и им рекол дека Назар е жив и дека го видел во затвор.
„Бевме во шок, беше тешко да се поверува. Но зошто би нè лажел?“, се присетува Роксолана.
Сепак, додека не го слушнале или виделе, не можеле да бидат сигурни. Оваа недела конечно се јавил – од украинска територија.
Синот на Наталија бил отсутен три години и девет месеци. Додека го чекаат повторниот средба, семејството ги отстранува објавите за неговиот погреб од социјалните мрежи за да не го вознемират.
„Само сакам да има повеќе вакви среќни приказни“
Морале да ја отстранат и неговата фотографија од изложбата посветена на паднатите херои во нивното село. Покрената е и истрага за да се утврди како дошло до оваа грешка.
Но, семејството во моментов е фокусирано на други работи. Мајката на Назар ги подготвува сите негови омилени домашни јадења за моментот кога малку ќе се опорави и ќе биде подготвен да се врати дома.
„Само сакам да има повеќе вакви среќни приказни, и други семејства да примат повик и нивните најблиски да се вратат дома“, вели Роксолана.
Во Украина официјално за исчезнати се водат околу 70.000 луѓе, најголем дел војници.
Многумина се заробени, а за нивните семејства приказната на Назар претставува зрак надеж.
„Сакам сите жени, мајки и деца да го доживеат повикот каков што ние го примивме и да ја почувствуваат оваа среќа. Сега само го чекам синот за цврсто да го прегрнам. Неописливо го сакам“, порача Наталија.
Today, Nazar Daletskyi, a Ukrainian Defender from Lviv region, returned from Russian captivity.
Nazar has been presumed dead for a long time. Today, his family had the happiest news and spoke with Nazar!
📹: Suspilne https://t.co/JytPmRudBJ pic.twitter.com/7TXb5zRpmv
— Anton Gerashchenko (@Gerashchenko_en) February 5, 2026


