Валандово дише за шампионски момент, КМФ Проект цели кон „двојна круна“ и Европа!

– Ја сакаме титулата, тоа значи и автоматски излез во Европа, а тоа е најголемата мотивација за еден играч – вели претседателот на клубот, Гавровски.

Во осминафиналниот натпревар од Купот на Македонија во футсал за сезоната 2019/2020 екипата на КМФ Проект во Спортската сала во Валандово со резултат 1:0 триумфираше над КМФ Астибо од Штип.

Стрелец на единствениот погодок за КМФ Проект беше Димче Андов кој успеа да реализира со еден одмерен и прецизен удар од дистанца на средината од второто полувреме за пласман во четвртфиналето.

Моментно КМФ Проект е и лидер на табелата во Првата македонска футсал лига, посакува на крајот од сезоната да се закити со двојната круна.

Воедно клубот има петмина македонски репрезентативци кои настапија во малата сала на СЦ „Јане Сандански“ – Скопје на претквалификацискиот турнир за пласман на Европското првенство во Холандија 2022, тие се голманот Антонио Петровски, Мартин Тодоровски, Димче Андов, Дарко Ранготов и Јосиф Јованов.

– Амбициите се двојна круна, квалитетот кај нас можеби не е на највисоко ниво, Шкупи се фаворити и оваа сезона. Но, направивме спој на една екипа која е дел од локални фудбалери кои што поради традицијата, кои што ги има во нашата Општина, турнири во мал фудбал, произведовме фудбалери кои што можат да се носат во футсал играта. Имаме вкупно и пет репрезентативци кои што се дел од нашата екипа и тој спој ни даде за право, а и резултатите до ова 11. коло прават да сме моментно лидери на табелата со ист број на бодови како и Шкупи, но со подобра гол разлика. Секако дека мотивираат добрите резултати, сега во трансфер периодот донесовме уште двајца играчи со цел да го зголемиме составот, така што и самиот квалитет, конкуренцијата ќе си го направи своето. Ја посакуваме шампионската титула, тоа значи и автоматски излез во Европа, а тоа е најголемата мотивација за еден играч, доволно само да се слушне химната на Лигата на шампионите – ни изјави претседателот на КМФ Проект, Иван Гавровски.

Како што додава првиот човек на клубот за жал во Општината нема никаков друг спорт, освен футсалот.

– Прволигашки спорт во Валандово и немало, сега ова е новина, на едно повисоко ниво. Секако важна е и поддршката од навивачите, нашата сала е исполнета, т.е. најпосетена на домашните натпревари. Се трудиме преку еден другарски амбиент во тимот, има атмосфера, расположение, на ниво, тоа е тоа што го води тимот, и тоа е за почит. Од друга страна, да бидеме искрени примањата финансиски реално во спортот кај нас се скоро никакви, така што мотивот е сè, само не и од аспект на финансиите што се земаат.

Исто така и потпретседателот на КМФ Проект, Ѓорги Гетов има свое видување околу шансите на клубот сезонава, досега без ниту еден пораз, со еден нерешен резултат, Шкупи е директен ривал кој што исто така се бори за титула.

– Од мало место излегува некоја добра приказна. Игравме сега осминафинале во Купот, успеавме да го совладаме КМФ Астибо. Ја очекуваме ждрепката за четвртфиналето, ќе се даде предлог и за извлекување на полуфиналните двојки. Одиме со една мисла и цел освојување на трофејот на ова натпреварување, желбата е двојна круна, како и излез во Европа. Околу играчкиот кадар, има едно ново име во екипата, во преговори сме со уште еден играч, а имаме и стандардни првотимци во македонската репрезентација. Тоа ни е плус за градот, за Општината. Сите што дошле тука, го гледаат тој добар проект што го направивме за една добра футсал екипа. Со овие досегашни резултати и играчи, оваа хемија која што владее во клубот мислам дека нема пречка да не бидеме на тронот. Ја имаме поддршката од фановите во Валандово, Јосифово и сите околни села на Општината, така што мислам дека ќе биде добро – се зборовите на Гетов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот