Утре 163 обвинители избираат шеф на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција

Вилма Русковска / Фото: mia.mk

Согласно Законот за јавното обвинителство, утре ќе се одржат избори за основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на oрганизиран криминал и корупција на кои право на глас имаат сите јавни обвинители во Република Северна Македонија.

Гласањето ќе се спроведе во текот на работното време на гласачки места во четирите виши јавни обвинителства и во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Резултатите од гласањето, по завршување на процесот, ќе ги објави Советот на јавни обвинители.

Во петокот јавниот обвинител Љубомир Јовески испрати отворено писмо до своите колеги обвинители кои ќе учествуваат во изборот на основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

-За првпат, согласно новиот Закон за јавното обвинителство, изборот за основен јавен обвинител на тоа обвинителство се врши со гласање на сите јавни обвинители во државата. Сметам дека ваквиот начин на избор дава можност директно со вашиот глас да влијаете за подобрување на состојбите во Јавното обвинителство. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е важен дел од обвинителската структура, а функцијата прв човек на ова обвинителство е моќна, но и многу одговорна. За изборот се пријавија четворица јавни обвинители. Сакам да ве повикам сите слободно и растоварено од какви било влијанија и притисоци да го дадете својот глас за оној кандидат кој има најдобра програма и визија за идното функционирање на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, им порача Јовески.

Тој истакна уберување дека секој од нив поединечно ќе знае да го направи вистинскиот избор, а сите заедно како јавни обвинители ќе покажат дека имаат јасна цел за независна и силна јавнообвинителска организација.

Меѓу четворицата кандидати за шеф на ОЈОГОКК е и суспендираната досегашна шефица Вилма Русковска, како и обвинителите Ислам Абази, Едмонд Незири и Деса Пауновска. Мандатот Рускоска трае до 14 ноември, додека обвинителот Трајче Пеливанов беше назначен за нејзина привремена замена на 29 август.

Мандатот е за време од четири години од редот на избраните јавни обвинители со право на повторен избор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот