Уставните измени го потиснаа ентузијазмот за реформи во јавната администрација

ФОТО: Архива СП

Додека јавноста е преокупирана со темата околу уставните измени државата целосно потфрла во делот на реформата на јавната администрација, а умерената оцена на Европската комисија во последниот извештај за напредокот на земјата е само обична игра на зборови за да не се посочи директно дека многу малку е направено на овој план.

Истовремено останува дилема дали ќе се исполни ветувањето на премиерот Димитар Ковачевски за целосно спроведување на реформите во јавниот сектор но и намалување на јавната администрација за 20 проценти. Ветувањето кое беше дадено на почетокот од неговиот мандат е спротивно на случувањата на терен додека секој ден не стивнуваат огласите за вработување на нови јавни службеници во институциите и константно зголемување на бројот на и така обемната администрација.

Овие работи се исто така и меѓу забелешките во последниот ревизорски извештај на Државниот завод за ревизија ДЗР објавен во средината на март каде се посочува дека реализирани се само 52% од активностите за реформа на јавна администрација.

Во забелешките на ДЗР јасно се наведува на констатацијата дека во Македонија има перманентно одложување на носење на нови клучни закони, пролонгирање на процесот на реорганизација на државните органи, нецелосна реализацијата на планираните активности и недоволни кадровски капацитети во јавниот сектор.

– Имајќи предвид дека согласно новата Методологија за пристапување кон ЕУ, реформата на јавната администрација е област која е дел од преговарачкиот процес во рамките на Кластерот – Фундаментални вредности, Државниот завод за ревизија изврши ревизија на успешност на тема „Реформа на јавната администрација“, со цел да се даде одговор на прашањето дали преземените активности од надлежните институции обезбедуваат ефикасно спроведување на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018-2022 – се наведува во писмениот документ на ДЗР каде во истиот се нотираат и во деталите но и состојбите околу реализираните реформски активности во јавниот сектор.

Дополнителен проблем е што без оглед што започна скрининг-процесот, а земјава се надева на скоро отворање на преговарачките поглавја, не доволно добро се спроведува имплементацијата и на Стратегијата за реформа на јавната администрација.

– Со одредени доцнења продолжи имплементацијата на Стратегијата за реформа на јавната администрација за периодот 2018-2022 година, како и следењето и извештаите за нејзино спроведување. Целосно беа реализирани само дел од планираните активности. Во Министерството за информатичко општество и администрација сè уште нема соодветно екипиран сектор за јавна администрација, кој би ги спроведувал реформите на техничко ниво. Дополнително, треба да се работи и на заложбите за зголемување на менаџерската одговорност – наведува ЕК во последниот извештај.

Државата да ја намали скапата администрација

Аналитичарот Синиша Пекевски за „Слободен печат“ вели дека не можеме да зборуваме за реформи во администрацијата бидејќи тие што треба да ги направат реформите не сакаат да ги спроведат токму поради своите лични и партиски интереси.

– Реформата како збор супер им стои на политичарите, посебно во говори пред избори и пред странските дипломати кои донираат големи суми за реформи на администрацијата. Во реалноста тоа е само флоскула која е тотално непозната и за која никој не е заинтересиран. За какви реформи може да зборуваме кога во судството се вработуваат само роднини на судии, обвинители, министри, кога во АЕК се вработуваат деца, снаи, зетовци на политичари. Со лица кои се директно врзани роднинско со политичарите никогаш нема да се реформираме, а доказ е тоа што преку 90% од младите заминуваат или сакаат да си заминат од Македонија, 0% доверба во судство и да не набројувам понатака. Реформите треба да ги прават оние што треба да отпуштат свои роднини, пријатели, партиски војници, а тоа нема никогаш да се случи – посочува Пекевски.

На оваа тема неколку пати досега Професорот на правниот факултет „Јустинијан Први“, Борче Давитковски, укажува дека мора да се направат вистински реформи во јавниот сектор и по цена да се загуби власт.

– Се додека јавната администрација е во функција на остварување на целите на власта не зависно кој раководи со државата, а не е сервис на граѓаните, се дотогаш ќе имаме партиска, нефункционална и бирократизирана администрација. Само со вистински реформи во јавниот сектор може да се очекува некој бенефит за граѓаните – е ставот на професорот Давитковски.

ЕУ сака стручен, независен и професионален јавен сектор

Евроамбасадорот Дејвид Гир на оваа тема неодамна порача дека на земјава и е неопходна стручна, независна и професионална јавна администрација. Без тоа, како што нагласи тој, нема раст и развој. Не може да се каже, рече Гир, дека нема резултати во однос на реорганизацијата, но системот има и слабости кои се секако нотирани, а евидентно е и премногу силно партиско влијание во одредени делови од администрацијата.

– Она што сакаме да видиме е зајакнување на администрацијата, да се осигураме дека има ексепртиза, независност и професионалност. Секогаш е тешко, има фискални притисоци, нема само една криза, туку низа кризи. Ние секогаш ја нагласуваме важноста на тоа да се осигури дека администрацијата може да ангажира, да задржи, промовира и унапреди лица кои ја имаат потребната стручност да се заврши работата. Тука се вклучени надоместоците, платите и тоа е важен елемент. Нема да коментирам за различните одлуки во однос на политиките што ќе ги донесе Владата во конкретни области, но како општ принцип, односно нашиот принцип е дека треба да имате стручна јавна служба способна да ги спроведе реформите, со помош. Без тоа не може земјата да се развива и да расте. Тука има неколку апсекти – финансирање, партиско влијание кое е премногу силно во одредени делови на администрацијата, но, потребно е да имате јавна, државна служба која може да испорача она што треба. Многу работа има да се зајакне јавната служба – истакна амбасадорот Гир.

Според него, администрацијата треба да се прилагоди на актуелните потреби и да ги следи промените во светски рамки.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот