Уставниот суд потфрли за време на вонредната состојба

За време на вонредната состојба, која во државава беше прогласена поради пандемијата од коронавирусот, Владата носеше уредби со законска сила кои не беа поврзани со причините за прогласувањето на истата, оценува Гоце Коцевски, од Здружението на млади правници.

Според него, во ситуација кога Владата се стави во улога на законодавец, од околу 250 донесени уредби, голем дел од нив се однесувале и за продолжување на мандатите на функционерите. Во случај кога отсуствуваше парламентарна контрола, Уставниот суд требаше да биде на висина на задачата, порача Коцевски.

– Имавме единствено судска контрола врз работата на Владата во вонредната состојба, а оваа контрола се одвиваше преку Уставниот суд. Две третини од уредбите го поминаа филтерот на судот, но начинот на кој Уставниот суд ги интерпретираше уредбите не ги расчисти дилемите. Имавме различни толкувања, меѓу кое и она дека уредбите со законска сила служат за опрационализација на законските одредби, односно дека се вид на подзаконски акт, смета Коцевски.

Претходно критики за работата на Уставниот суд за време на вонредната состојба пристигнаа и од страна на поранешната министерка за правда, Рената Дескоска.

-При постоење на скромна уставна рамка, без Закон за вонредна состојба, Владата успешно се соочуваше и со здравствените и со правните предизвици во тој период.
За жал, од стручен аспект, Уставниот суд беше најслабата алка во решавање на правните прашања поврзани со вонредната состојба и направи конфузија по три прашања, односно каков е карактерот на уредбите со законска сила, колкаво може да е важењето на уредбите со законска сила и кои човекови права може да бидат ограничени за време на вонредна состојба, истакна Десковска на неодамнешната дебата иницирана од претседателот Стево Пендаровски за креирање Закон за вонредна состојба.

Експресно реагираа од Уставниот суд, од каде обвинија дека се работи за непримерена и неоснована квалификација од страна на поранешен носител на јавна функција и доктор на правни науки.

-Во делот на правната важност на уредбите со законска сила, повторно укажуваме дека лесно може да се заклучи за ставот на Судот по однос на ова прашање, каде по завршувањето на вонредната состојба во најголем број од предметите беа отфрлани иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на овие уредби поради тоа што престанала нивната важност. За прашањето за тоа кои човекови права може да бидат ограничувани за време на вонредната состојба, укажуваме дека тоа го уредува нашиот Устав, додека Уставниот суд само го применува, а не определува кои права може да се ограничуваат, соопштија од Уставниот суд изразувајќи револт дека ниту еден уставен судија не бил поканет на дебатата организирана од страна на шефот на државата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот