Уметнички дневник: Остварување на соништата со танц

„Код#9“ на „Масданца“, Канарски Острови, октомври, 2022 / Фотографија: Џезус Робиско

Младата танчарка и кореограф Ивана Балабанова во текот на оваа година се посвети на сопствениот перформативен развој, а нејзината танц-траекторија ја проследуваме во форма на дневнички запис.

Бидејќи започнав со урбани танци, мојот развој во полето на танцот се одвиваше во една структура и систем мошне различен од оној на современиот танц. Но, како што созревав и растев како танчар и креатор, неминовно се појави желбата да ги продлабочам своите знаења во другите танцови области и така го продолжив своето образование на Филмската академија на УГД под менторство на професорката Рисима Рисимкин.

Уште одамна знаев за фестивалот „Масданца“ и штом почнав да се занимавам и со современ танц, некако во длабочините на мојата свест постојано посакував еден ден да заиграм на таа сцена. Во август 2021, со мојот драг колега и пријател Алесандро Ола, кој е професор на Конзерваториумот за музика во Каљари, Италија, ја остваривме нашата прва резиденција во Барселона. Сиот тој период претставува една фаза на трансформација на мојот вокабулар, обид за примена на знаењата од сферите на урбаните и современите танци во една фузија и, на некој начин, реоткривање на себеси. Алесандро е одличен ментор и ми помогна со тоа што направи да се чувствувам видена.

„Код#9“ / Фотографија: Петар Аврамовски

По таа резиденција следуваше уште една во Скопје, во март 2022 година, во чии рамки иако имавме мал број денови (само десет) успеавме да го создадеме делото „Код#9“, кое е 45-минутен аудиовизуелен танцов перформанс. Благодарение на КСП „Центар-Јадро“, кои продукциски нѐ помогнаа, следуваше и нашето прво гостување во „Погон“, Загреб, каде што ја реализиравме премиерата на ова дело во мај. Оттаму следуваа одлични критики и многу покани за фестивали надвор од земјата. Во меѓувреме се појави отворениот повик за „Масданца“, каде што знам дека учествуваат стотици од најдобрите танчари и кореографи.

Во тој момент си реков дека е време да се обидам и да ја пријавам кратката верзија од „Код#9“. Во јули 2022 година бев на едномесечна резиденција во Санкт Петербург, Русија, во реномираната академија „Борис Еифман“, а како дел од размената на организацијата „Инопрактика“. Работата во Русија беше мошне напорна и секојдневно останувавме во сала по 8-9 часа по што следуваа безброј патувања, состаноци, интервјуа, крстарења и градски тури во прекрасниот Санкт Петербург. Една вечер, кога едвај успеав да го достасам креветот од премор, во обидот да го исклучам својот телефон забележав нов имејл. Го отворив и што да видам, потврда дека мојата апликација за „Масданца“ е примена. Во прв момент не изреагирав никако, не ѝ кажав дури ни на својата колешка во собата, бидејќи се шокирав. Поминаа неколку денови и дури потоа сфатив што се случува па почнав да зборувам за тоа.

Во октомври 2022 следуваше и моето гостување на фестивалот на Канарските Острови. Нашето пристигнување таму со Алесандро, беше пречекано со совршена организација, неверојатно гостопримство и љубезност на мештаните и организаторите на фестивалот. Канарските Острови се бајковити, а искуството беше збогатено со енергијата на фестивалот, огромниот број перформанси што ги посведочивме и новите пријателства. На 13ти октомври, со Алесандро го изведовме парчето „Код#9“ во Театарот „Галдос“ пред многубројна публика.

Од една страна бев уплашена, бидејќи таа кореографија е направена за камерен приказ и близок контакт со публиката. Сепак, се чувствував смирено и убаво, па така помина и сета изведба. Би било нереално да речам дека не очекував ништо повеќе, но навистина не верував дека би можела да добијам некаква награда.

Прием на наградата – Алесандро Ола и Ивана Балабанова со еден од судиите од интернационалното жири, 15.10.2022, Театар „Галдос“, Канарски Острови

Сепак два дена подоцна, на денот на доделување на наградите, бев изненадена и пресреќна од одлуката на интернационалното жири „Код#9“ да го добие третото место. Подоцна организаторите нѐ известија дека „Код#9“ било одбрано од организацијата со останатите осум сола во конкуренција од 500 апликации, па така третото место беше навистина многу значаен момент за мене. Имав прилика да разговарам со дел од организаторите и судиите, кои, пак, се професори, продуценти и организатори на некои од најголемите фестивали во светот и критиките што ги добив ми го стоплија срцето. Но, ние навистина не бевме свесни што се случува.

По овој перформанс, следуваше уште една изведба на долгата верзија на фестивалот „Фуори Маргине“ во Каљари, Италија, каде што повторно добивме неверојатни критики и пофалби. „Фуори Маргине“ е најголемиот фестивал на овој остров во времетраење од два месеци.

Ивана Балабанова

Оваа година во септември ги започнав своите студии на реномираниот Универзитет за уметности ZHdK во Цирих, Швајцарија. Ова, пак, претставува уште едно остварување на своите соништа. Таму бев номинирана од својот департман за „Стипендија за извонредност“, а потоа ја добив заедно со уште двајца други студенти, а во конкуренција со сите департмани: танц, театар, филм, музика, интердисциплинарни и трансдисциплинарни студии. Неверојатно многу сум благодарна за можноста, бидејќи без оваа стипендија нема да можам да го издржам Швајцарскиот економски стандард. Во моментов на универзитетот работиме на многу интересни проекти, а започнуваме и со првите креации.

Во меѓувреме во Скопје не ја заборавам својата должност да ја помагам и да ја поддржувам локалната сцена. Така, со мојот уметнички центар „Битрикс“, а поддржани од Швајцарската агенција за развој и соработка и Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија, го започнавме проектот „Танц. Трансформатор – Реобмислување на нашата танцова заедница“ и едвај чекам да започнеме со реализација на проектните активности. Сепак, за ова во некоја друга пригода.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 153, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 5-6 ноември 2022)

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот