Украина без бродови ги владее брановите на Црно Море

Лани во април беше потопен „Москва“, гордоста на Црноморската флота - Фотографија Profimedia

За точка на пресврт се смета 22 септември, кога два проектили „сторм шедоу“ погодија критична цел на пристаништето Севастопол на анектираниот полуостров Крим – Главниот штаб на руската Црноморска флота

Додека украинските трупи сѐ уште бавно се пробиваат преку огромните и густи мински полиња од првиот круг со кој руските сили ја штитат окупираната територија, многу поуспешна е украинската офанзива на Црно Море, во која е пробиен коридор за безбеден транспорт на жита.

Дел од морето е веќе непристапен за бродовите на моќната руска Црноморска флота, која на почетокот на инвазијата имаше целосна доминација. Успехот на Украинците е особено голем зашто тие практично и немаат морнарица, а за воздушна поддршка на располагање имаат само неколку борбени авиони.

За точка на пресврт се смета 22 септември, кога два проектили „сторм шедоу“ погодија критична цел на пристаништето Севастопол на анектираниот полуостров Крим – Главниот штаб на руската Црноморска флота. Извори во Киев објавија дека при прецизниот напад загинале 34 офицери, вклучувајќи го и командантот на флотата Виктор Соколов. Москва веднаш ја демантираше информацијата, прикажувајќи снимка од Соколов, жив и здрав, но нападот сепак остави длабоки последици врз бојното поле на брановите.

Набрзо по нападот со проектили, од пристаништето Севастопол испловија две фрегати и три борбени подморници, упатувајќи се кон побезбедните води на пристаништето Новорасијск во Русија. Сателитски снимки потврдуваат дека набрзо им се придружиле уште пет големи десантни бродови, патролен чамец и други бродови, упатувајќи се кон Феодосија, на побезбедниот источен брег на Крим.

Москва неофицијално потпишала договор за изградба на нова поморска база, која ќе биде лоцирана во Абхазија – прорускиот регион што прогласи независност од Грузија, недалеку од Сочи. Лидерот на Абхазија, Аслан Бжанија, потврди дека „во блиска иднина“ ќе биде изградена постојана руска морнаричка база.

– Целта е да се зголеми нивото на одбранбениот капацитет и на Русија и на Абхазија – изјави Бжанија за весникот „Известија“.

Британскиот министер за оружени сили Џејмс Хипи пред неколку денови изјави дека Црноморската флота на Русија претрпела „функционален пораз“.

– Таа беше принудена да се распрска низ пристаништата од кои не може да има ефект врз Украина. Ослободувањето на украинските води е многу важно, како и контраофанзивата спроведена лани во регионот на Харков, во која Украина ослободи голема територија – изјави Хипи на безбедносен форум во Варшава.

Поранешниот украински министер за одбрана Олексиј Резников објаснува за „Гардијан“ дека главната улога во ослободувањето на Црно Море ја одиграле беспилотните летала. Тој го споредува домашното производство на дроновите со раните денови на подемот на информатичката технологија во Силициумската долина, кога Стив Џобс и Стив Вознијак го развиле првиот модел на „Епл“ во гаража.

– Ова е последната конвенционална војна. Војните на иднината ќе се водат со висока технологија. Црно Море е како полигон. Таму сериозно се тестира војната на иднината – вели Резников.

Тој вели дека Украина развива разни типови убиствени летала без пилоти, како и роботизирани возила што пловат на површината или под неа. Почнал технолошки натпревар помеѓу Воената морнарица, специјалните сили и разузнавачките агенции ГУР и СБУ кој ќе произведе поефикасен дрон.

– Ние немаме сериозна флота ниту голем поморски капацитет. Но, можеме да ги удираме со дронови – вели поранешниот украински министер за одбрана.

Неговиот претходник Андриј Загородњук вели дека Киев е пионер во новата форма на војување.

– Чини меѓу 10.000 и 100.000 долари за да се произведе дрон набиен со експлозив. Кога ќе се пуштат во јата, тие удираат врз руски бродови, создавајќи штета од стотици милиони долари. Тоа е екстремно асиметричен начин за борба против непријателските бродови, и ако се мерат парите и ако се мери времето. Не можете брзо да изградите нов брод – вели Загородњук.

На возвраќањето на почетниот удар на руските сили од море се чекаше еден месец. Прво беше спречен десант врз Одеса, главното украинско пристаниште на Црно Море, а веќе во април со два проектили „нептун“ беше потопен бродот „Москва“, гордоста на Црноморската флота. Во јуни руските сили се повлекоа од Змискиот Остров, кој го гранатираа на првиот ден од инвазијата.

Украински диверзант тестира беспилотна подморница „Маричка“ – Фотографија Profimedia

Изложеноста на напади со дронови ја принуди Москва да се согласи на предлогот од Турција и од Обединетите нации за отворање безбеден поморски коридор за транспорт на украинско жито. Украина ги продолжи нападите на уште поголеми далечини со помалку конвенционални оружја. Со камион со експлозив беше погоден мостот на Керч, кој копнено ги поврзува Крим и Русија.

Во овој период особено биле ефикасни проектилите „сторм шедоу“ што Украина ги доби од Обединетото Кралство.

Нападите врз руските бази на Крим зачестија. Неодамна беа исфрлени од употреба радарска станица и два центри на противвоздушниот систем „с-400“. Во септември украински сили зазедоа нафтени дупчалки западно од Крим, беше оштетен руски десантен брод и подморница на поправка во бродоградилиште – првата подморница што Русите ја загубиле во борба по 1945 година. Конечно, проектили го погодија штабот во Севастопол.

– Тие побегнаа – заклучува Загородњук.

Во меѓувреме, отворен е безбеден коридор за транспорт на жито. Британски разузнавачи во средата предупредија дека Русија планира акции за саботажа на новиот коридор, преку кој веќе поминаа 30 брода. Планот е да се испратат подморници и мини среде коридорот, а одговорноста би била префрлена врз Украина.

– Урнат е митот за непобедливост на Русија во Црно Море – заклучува Јевгенија Габер од аналитичката група Атлантски совет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот