Твитер го сокри твитот на Трамп: Kога ќе почнат грабежите, ќе почне и пукањето

Твитер објави дека сокрил еден твит на американскиот претседател Доналд Трамп за немирите во Минесота, со образложение дека го „глорифицира насилството” и со тоа ги крши правилата на социјалната мрежа.

– Твитот е сокриен од јавноста, но кој сака може да види што напиша претседателот, бидејќи тоа е во интерес на јавноста, наведе Твитер.

Трамп напиша твит за ситуацијата во Минеаоплис, каде три вечери по ред има немири и судири со полицијата поради смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд, кој почина за време на приведување од страна на полицијата.

– Овие бандити го валкаат сеќавањето на Џорџ Флојд и нема да го дозволам тоа. Разговарав со гувернерот Тим Волц, кој кажа дека армијата ќе биде со него на тој пат. Сите потешкотии ќе се обидеме да ги контролираме, но кога ќе почнат грабежите, ќе почне и пукањето. Ви благодарам, напиша Трамп.

Судирот помеѓу Трамп и Твитер почна кога социјалната мрежа ги предупреди корисниците да ги проверат фактите во два твита на американскиот претседател. Трамп синоќа ја потпиша извршна наредба за ограничување на заштитата  на социјалните мрежи од тужби.

Тој првично се закани дека ќе ги затвори социјалните мрежи откако Твитер предупреди дека твитовите на Трамп водат кон дезинформации, а американскиот претседател ја обвини социјалната мрежа дека „ја задушува слободата на говорот” и „се меша во претседателските избори 2020″.

Со декретот се задолжуваат извршните институции, вклучително и Федералната комисија за комуникации и Федералната комисија за трговија, да испитаат дали на компаниите кои поседуваат социјални мрежи можат да им се воведат нови деловни правила.

Твитер и Фејсбук се заштитени од законска одговорност за содржините што ги поставуваат нивните корисници во рамките на параграфот 230 од Законот за комуникации од 1996 година, бидејќи се регистрирани како „платформа” а не како „издавачи” кои можат да бидат тужени за содржината.

Трамп изјави дека тој параграф може да „биде отстранет или изменет” за социјалните мрежи да немаат правен имунитет.

Извршниот директор на Твитер, Џек Дорси претходно изјави дека компанијата „ќе продолжи да укажува на неисправни и спорни информации за изборите глобално”.

Експерти од таа област изразија сомнежи дека тоа е можно без одобрување од Конгресот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот