Турција станува сѐ поагресивна во Медитeрaнот?

EPA-EFE/TOLGA BOZOGLU

Источноевропските држави, Турција, Грција и Кипар, подолг временски период се вплеткани во меѓусебен судир околу тоа кој има право да истражува и евентуално да ги поседува наоѓалиштата на течен гас во Средоземното Море. Воинствената реторика на зборови почна да прераснува во експлицитна демонстрација на воена сила, откако Грција и Турција ги упатија своите воени бродови во делот каде се смета дека се наоѓаат наоѓалиштата, а за кои и двете држави тврдат дека се дел од  нивна територија.

Грција тврди дека резервите на гас се наоѓаат во морската економска зона, во грчките територијални води, што е утврдено и загарантирано со Конвенцијата на морските граници на Обединетите нации ( (UNCLOS). Од друга страна, Турција не е потписничка на оваа Конвенција (UNCLOS) и тврди дека овој регион е под нејзин суверенитет, обвинувајќи ја Европската Унија дека јавно ги поддржува своите држави-членки, Грција и Кипар, и ги крши меѓународните закони на штета на Турција.

Судирот околу морската граница во Медитеранот меѓу Анкара и Атина, дополнително се комплицира, бидејќи двете држави се полноправни членки на НАТО.

Турција и Грција демонстрираат воена сила

Армиите на двете држави интензивно се распоредуваат во регионот демонстрирајќи воена сила. Турција дополнително ја заострува воената реторика порачувајќи ѝ на Грција дека доколку не го разбира „јазикот на политиката и дипломатијта“, ќе мора „да се соочи со болни губитоци на теренот“.

„Атина мора да ја разбере сериозно политичката, економската и воената моќ на Турција и да се откаже од неморалните мапи и наметнати документи“, порача турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Оваа изјава претставува радикализирање на реториката на Ердоган кој и претходно отворено се закануваше со воено решение на проблемот, најавувајќи дека во воените маневри во спорните територијални води ќе се придружи и руската морнарица, што веднаш беше демантирано од страна на Москва. Евентуалното руско мешање во овој проблем ќе предизвика и отворено мешање на САД што може сериозно да го зголеми ризикот за  голем воен конфликт.

Очајнички обид на Ердоган да ја подигне економијата со приграбување на резервите на гас

Добрите познавачи на состојбите во регионот на Медитеранот се зачудени од ваквата агресивна и воинствена реторика на Ердоган, пред сѐ  поради рекордно ниската цена на нафтата  и паѓањето на вредноста на турската лира.

Фото: Профимедиа

Девизните резерви на Турција се наоѓаат на критично ниво и зависат од катарските долари. Некои од набљудувачите на овие состојби, ставот на Турција го објаснуваат како нејзин очајнички обид да ја подигне својата економија со приграбување по секоја цена, на големо количество на резерви на гас.

Сепак, ова објаснување може да се нарече наивно, пред сѐ поради фактот дека истражувањето на наоѓалиштата на течен гас, само по себе е скапа операција и бара скапа технологија со огромни вложувања.

Особено што вложувањата и финансирањето на овие истражувања Турција не може сама да ги реализира и обезбеди.

Кон крајот на 2019 година, Турција потпиша билатерални морски договор со Либија, односно со либиската влада на национално единство (GNA) на премиерот Фајез ал-Сараџ.

Во договорот е предвидена воена и безбедносна соработка околу границите во источното Средоземно Море. Со овој договор ѝ се овозможува на Турција да истражува и да вади нафта и гас од овој регион, а за возврат Турција би ја поддржала владата на Сараџ во граѓанската војна во Либија. На оваа билатерална соработка се спротиставуваат Грција, Кипар, Египет и Израел, кои тврдат дека договорт на Турција и владата на Сараџ го кршат меѓународното право.  

Фото: EPA-EFE/ANSA/CLAUDIO PERI

Во граѓанската војна во Либија, Анкара има конфликт и со Франција, бидејќи Париз безрезервно го поддржува генералот Калифа Хафтар кој со своите воени сили се обидува да изврши пуч и да ја преземе власта во Либија. Хафтар чие седиште е вториот по големина либиски град,  Бенгази, на неколкупати досега се обиде со воени сили да влезе во главниот град Триполи и да ја урне владата на  Сараџ.

Токму судрот во Либија меѓу Турција, од една страна, и Франција, Грција и Кипар од друга, се манифестираше и во борбата за тоа кој и чија влада го поседува правото да истражува и вади нафта и течен гас од Источниот Медитеран.

Особено проблем во судриот со Франција е фактот што Париз со години се противи на влезот на Турција во ЕУ. Практично Франција во конфликтот во Источниот Медитеран ги следи своите интереси, но им дава и безрезервна подршка на членките на ЕУ, Грција и Кипар.

Турција нема сојузници во Западна Европа

Од друга страна, Турција во овој конфликт засега е сама и нема никакви сојузници во Западна Европа. Во целата ситуација таа се соочува со тонење на својата економија. Од друга страна, повеќе од јасно е дека претседателот Реџеп Таип Ердоган го доживува својот огромен подем на претседателската функција кој се базира, пред сѐ, на радикален пресврт на антиевропската политика која политичките елити во Анкара ја градеа со децении.

Историски гледано, по распадот на Отоманското царство, суверена Турција настојуваше геостратешки и кулутуролошки да се интегрира и да се совпадне со Западот и западните вредности.

Новата национална свест беше илустрирана со именување на градот Истанбул како град низ кој се преминува од Западот кон Блискиот Исток.

Меѓутоа, со упорните одбивања на Брисел, за зачленување на Турција во ЕУ, се смени сликата и амбициите во самата Турција. Еден од првите чекори во владеењето на Ердоган, беше Турција повторно да се позиционира како лидер во муслиманскиот свет. Потврда за ова  е неодамнешената одлука, на Аја Софија да ѝ се врати статусот на џамија, но и воинственоста  на Анкара во Медитеранот.

Фото: Twitter

Важна манифестација на  радикалната транзиција на турскиот политички дискурс е нејзиното наметнување на морската хегемонија и земањето на право за поседување на Источниот Медитеран. Анкара останува на цврстиот став дека има целосно право на експлоатација на резервите на нафта и течен гас на дното на Медитеранот, и покрај воведените санкции на ЕУ и дипломатската изолација на Турција.

Сепак, и покрај ризичните и радикални потези на Ердоган, засега се проценува дека тој не сака да предизвика отворен и фронтален судир во Источниот Медитеран. Пред сѐ поради фактот дека и самиот Ердоган е свесен дека шансите на Турција да победи при евентуален отворен воен конфликт се никакви.

При евентуален воен судир, Труција би се соочила со воената и економската сила на Европската Унија, но и со Египет, Емиратите и Израел. Но, се чини дека постапките на Ердоган се со намера Труција да ги принуди и Европјаните и земјите од Блискиот Исток, да седнат на преговарачка маса, на која Анкара би добила дел од резервите на енергенсите кои се клучни за поттикнување на ослабнатата турска економија.

Повеќе од веројатно е дека засега нема реална опасност од  евентуален воен судир, но немањето на Консензус во ЕУ, двосмислената и нејасна политика на Москва околу ова прашање, како и исчекувањето на Вашингтон на изборите на 3 ноември да ја добие новата администрација која дури понатаму треба да го фомира својот став околу ова прашање, остава простор дека во наредниот период, регионот на Источниот Медитеран ќе се наоѓа на тенка линија меѓу војна и мир.

Моќност, перформанси и однос на силите меѓу армиите на Турција и Грција

Подготвил: Дејан Андоновиќ

 

Видео на денот