Тунџев: Институциите може да проверат дали има конфликт на интереси со фирмата на мојата сопруга!

Борис Тунџев директор на агенција за катастар на недвишности / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Тунџев најостро ги демантира и наводите на најголемата опозициска партија дека „енормното поскапување на цените на услугите на Агенцијата за катастар и до 500 отсто е донесено поради спас на институцијата од банкрот“

Доколку има сомнежи за конфликт на интереси, постојат институции и органи кои може да го проверат тоа, вели за „Слободен печат“, Борис Тунџев, директор на Агенцијата за катастар, на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека „додека нејзиниот сопруг директорува со Агенцијата за Катастар и ги зголемува цените за услугите на оваа институција и за 5 пати, неговата сопруга,  Светлана Тунџева, преку нејзината фирма Геопроект Инжинеринг ДООЕЛ Скопје, склучува државни тендери за геодетски услуги во вредност од десетици илјади евра“. Тунџев најостро ги демантира и наводите на најголемата опозициска партија дека „енормното поскапување на цените на услугите на Агенцијата за катастар и до 500 отсто е донесено поради спас на институцијата од банкрот“.

-За секоја измината година, Агенцијата изготвува и доставува Завршна сметка и Годишен извештај за своето работење кои се јавно достапни. Од нив може да се утврди дека не станува збор за работење со негативен финансиски резултат, а најмалку за банкрот на институцијата, нешто кое за жал се споменува во изминатите неколку дена – посочи Тунџев.

Пред неколку дена ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека додека власта дава согласност, а директорот на Агенцијата за Катастар, Борис Тунџев носи одлуки за зголемување на катастарските услуги, неговата сопруга добива бизниси од државата. Од партијата рекоа дека се работи за договор за геодетски услуги помеѓу ЈП Железници Инфраструктура, каде директор е Хари Локвенец кадар од СДСМ и од другата страна е Геопроект Инжинеринг ДООЕЛ Скопје сопственост на Светлана Тунџева, сопруга на директорот на Катастар Борис Тунџев, исто така кадар на СДСМ.

-Овој договор, оваа рамковна спогодба е во висина од 2.360.000 денари. Истиот е склучен на 26 мај годинава, во време кога платите за работниците во железници се несигурни, а железничкиот транспорт во Македонија никогаш не бил позапоставен – обвинија од ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицијата исто така потсети дека фирмата на сопругата на Тунџев, КБ Енерго Соларис ДООЕЛ Скопје, добила лиценца за производство на струја од РКЕ на 34 години, а таа фирма преку КБ Енерго Соларис ДООЕЛ Скопје ја гради ФЕЦ Соларис во општина Радовиш во 2019/2020 година на вкупна површина од 2.979м2.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот