Трошановски: Франција има подобрена перцепција за перформансите на земјава за почеток на преговорите

Перцепцијата на Франција околу перформансот за заслугите на Македонија да почне преговори со ЕУ е подобрена, во споредба со летото, смета претседателот на Институтот за демократија „Социетас Цивилис”, Марко Трошановски.

Тој беше дел од делегацијата составена од претставници на „Социетас Цивилис”, Центарот за европски стратегии (Евротинг) и Институтот за европска политика (ЕПИ), што минатата недела престојуваше во посета на Франција, каде имаше средби со француски тинк-тенк организации и со владини претставници.

– Главната грижа на француското општество или на политичката елита е да се обезбеди дека нема да има реверзибилни процеси веднаш откако ќе се започне со преговорите, тоа подразбира дека откако земјата ќе затвори некое подглавје, нема да има регрес или повторно да се јават проблеми во владеење на право, судство итн. Значи, тоа е она што се сака да се адресира со новиот пристап – да се поддржат земјите аспиранти, Северна Македонија и Албанија, но истовремено да се зацврсти методологијата на проширување што би значело или би обезбедило дека земјите суштински се посветени на реформите и дека нема да се случи регрес во нив, истакна Трошановски.

Во врска со можноста за одвојување на Македонија и Албанија при доделувањето на датуми за старт на преговорите, Трошановски нагласи дека ЕУ индивидуално го проценува нивото на перформансот на секоја земја во реформскиот процес.

– Сепак, предоминантното политичко расположение е дека земјите не треба да се раздвојуваат и тоа ќе оди многу тешко, меѓутоа постојат креативни решенија и како што сугерираше одлуката на Бундестагот во Германија можно е и двете земји да започнат преговори или, барем, Македонија секако да започне, а Албанија да исполни уште неколку услови за да го започне тој процес. Тоа на некој начин нас ни е поволен контекст, бидејќи не е нужно по секоја цена да гледаме „црно-бело” на тој процес, смета Трошановски, додавајќи дека може да се случи одвојување, а без при тоа да биде донесена формална одлука за нешто такво.

Според него, крајно решение ќе биде и двете земји да ги започнат преговорите со тоа што за Македонија нема да има ниту еден услов, додека на Албанија би и биле поставени повеќе услови за исполнување, имајќи предвид дека Холандија е голем противник на отпочнување на преговорите со оваа држава.

– Јас лично сум оптимист. Мислам дека ќе добиеме датум за започнување на преговори, што е исклучително важно за засилување на процесот на демократизација на општеството, потенцира Трошановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот