Тројанскиот коњ во Париз

мерсел биљали
Мерсел Биљали, аналитичар, Фото: Архива

Во 1966 година на крајно сомнителен начин се судриле француската нуклеарна подморница „Триомфан“ и британската нуклеарна подморница „Вангард“.

За влакно не се случи нуклеарна експлозија. Ќе изгинеа сите 240 члена од екипажите. Тогаш Шарл де Гол, сo напуштањето на воената компонента на НАТО, најави „враќање на суверенитетот на Франција“. Исто, како денес Макрон, кој одлучи да јава бесен коњ наопаку.

Тогаш Алијансата го напушти своето седиште во Париз и се пресели во Брисел. Де Гол, во име на францускиот национален престиж, НАТО го третираше како американски хегемонистички инструмент. Цели 42 години Франција беше надвор од воената компонента на Алијансата, сѐ до паѓањето на Берлинскиот ѕид. Но, сепак, кога Американците интервенирале во Ирак, Жак Ширак склучил договор со Москва за заедничко спротиставување на американската политика. Подоцна Саркози ја вратил државата и во воената компонента на НАТО. Меѓутоа и денес командата врз францускиот нуклеарниот потенцијал е надвор од НАТО.

Што сака Франција?

Франција со векови била светска велесила со многу колонии, а сега веќе не е тоа. Таа земја хистерично страда како некоја остарена холивудска дама, која со години била голема звезда, а потоа е разочарана што веќе не привлекува внимание. Сега нејзините лидери силно го презираат епитетот „економски џин“ за Германија, љубоморат на зборот „Велика“ за Британија, ги мразат САД. Французите со години имаат потреба од лечење комплекси, а тука се најде Макрон како добар терапевт. Значи, колективна свест кога и добриот и лошиот се колнат на Господ.

Првиот тест за француската „цврстина“ беа Северна Македонија и Албанија. Арно ама, тука Макрон од старт се сопна, соочувајќи се со силни критики на сите нивоа, дури и однатре, па сите тие рафали му ги погодија раширените крилја со кои наумил високо да лета. Паѓајќи удолу, мислел дека има падобран – „НАТО се наоѓа на смртна постела“, а „Европа е на работ на амбис“. Со тоа уште повеќе ја зголеми брзината на паѓањето! Тоа е така кога желбата ти грми, а силата ти цимоли. И сега по умот го споредуваат со Трамп, за кого професионалните служби на Белата куќа мака мачат за да ги исправаат кривосадниците што претседателот секој ден ги сади.

Ние требаше да знаеме за ваквиот колективен комплекс кај Французите и индивидуален кај Макрон. Премногу величење на Берлин кај Париз се доживувал како премногу понижување. Видовме како помина тој чуден бразилски претседател што се пофали дека има 27 години помлада жена, префрлувајќи му на Макрон дека има 24 години постара жена!

Сменета e геополитиката

Факт е дека ЕУ минува низ најголемата криза од основањето, а можноста за натамошно проширување е маглива. Но, далеку е од работ на амбис, оти ЕУ ја држи силниот заеднички пазар. Мора да имаме предвид дека многу нешта се сменети во светот, со тоа и приоритетите, па и политиките. ЕУ во наредните години ќе биде во уште потешка ситуација, но сепак далеку од амбисот. НАТО и со сите проблеми реално е најсилен сојуз на цела планета. На „смртна постела“ ќе остане само сонот на Макрон да стане европски лидер, при џуџест економски развој во споредба со многу други европски држави.

Дополнителна конфузии создадоа многу подоцнежни коментари и објаснувања. Францускиот амбасадор во Србија, Жан Фалкони, рече дека „односите меѓу Франција и Србија се многу добри, заснована на историја и братство“. A владиниот експерт Пјер Пеан, за другите земји од Западен Балкан напиша дека правеле „праведна војна“ за да градат „мафијашки држави“. Најчудна е изјавата на Макрон дека БиХ претставува „темпирана бомба“ и како таква е најголем проблем за Европа! Таков раздор во регионот се нема фрлено дури од Втората светска војна. Тука е во право Тања Фајон, кога вели дека Франција го држи во заложништво целиот регион. Изгледа Французите станаа алергични на сѐ живо, освен кога самите се пред огледалото. Тоа е од голема помош за Русија која не сака понатамошно проширување на НАТО на Балканот. Оттука, секој ваков настап за Западен Балкан, неминовно се одразува и на односот меѓу Русија и земјите од регионот. А тоа може да заврши со голема дестабилизација на целиот Балкан и пошироко. А познато е дека на Балканот вистината излегува на површина отпосле, откако ќе се удави.

Што треба да се прави?

Не треба да очекуваме големи надежи во САД додека е Трамп претседател. Кристофер Хил со право вели: „Во минатото би се очекувало САД да истапат и помогнат, но во време кога американскиот претседател Доналд Трамп има тотално недефинирана надворешна политика, се чини дека проблемот со малите држави, како Северна Македонија и Албанија, се невидливи“. Башка што времето ќе покаже дали Тројанскиот коњ вистина стигна дури до Белата куќа.

Затоа е многу важно да трасираме долгорочен кохезивен регионален пат кон кој ќе се движиме. Регионалната интеграција е најитна работа. Поинаку, Србија во услови на неизвесност ќе продолжи да набавува софистицирано руско оружје (вклучително и С-400), а тоа е знак дека регионот се турка кон војна. Најефикасниот лек се евроинтеграциите, но ако тие не се брзи, а очигледно дека нема да бидат такви, треба сериозно да се работи врз регионални интеграции, со целосно отворање на регионалниот пазар. ЦЕФТА тука се покажа како слаб механизам, па затоа земјите од регионот организирано треба да се залагаат за Европска економска зона (ЕЕА), која има речиси ист третман како членка на ЕУ, но без учество во органите на ЕУ. Низ ваков пат поминале речиси сите држави, освен шесте држави основачи на ЕЕА. Низ ваков процес поминале Велика Британија, Шведска, Данска, Австрија и речиси сите држави што се зачленија во ЕУ во 2004 година. Оттука, во голема грешка се тие што ова го третираат како алтернатива на ЕУ, туку едноставно кажано, тие се експресен воз кон ЕУ. Дури и да добиеме преговори, ние паралелно треба да работиме и на двата други споменати модела за интеграции. Не смееме да се давиме во плитки води. Освен другото, сега регионот губи околу четири милијарди евра само поради масовното иселување. А башка што роднините мислат дека е подобро да плачете во својата татковина отколку да пеете во туѓина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот