Три авторки ќе се претстават со заедничката изложба „Регенерација“ во МКЦ

Покана за изложбата во МКЦ

Ликовната изложба „Регенерација“ на авторките Ана Ивановска, Христина Зафировска и Маја Кировска ќе биде отворена на 18 октомври, во 20 часот, во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје. Љубителите на уметноста ќе можат да ја посетата до 30 октомври.

Преку своите дела трите авторки се осврнуваат на периодот полн со промени во начинот на живеење предизвикани од пандемијата на ковид-19, кој неизбежно се рефлектираше во нивните дела. Тие ја преиспитуваат релацијата на видливиот свет со невидливите опасности. Се однесува на сопствената трансформација, како и на емоциите и чувствата поттикнати од промените на животниот тек предизвикани од пандемијата и новите наметнати стандарди во секојдневното живеење, и воедно, го преиспитува сопствениот обновувачки процес (регенерација) од настанатата ситуација.

Делата на Ана Ивановска се засноваат врз истражување на тема глобалната пандемија како и реакција на моменталните тенденции и глобални случувања во светот, кои несомнено оставаат траг врз секојдневието на луѓето. Фокусот е ставен на сопствената внатрешна трансформација, разните ментални состојби, ситуации и чувствата. Тие претставуваат визуелна манифестација на стравот, безизлезната ситуација и ограничената слобода како бариера во општењето со светот. Настанати се преку процесот на експериментирање и комбинација на фотографија, принт и други материјали (жилети, ќибрити, плексиглас, колаж).

„Мапа на чувства“ – Ана Ивановска

Регенерацијата како тема е тесно поврзана со генетиката на секоја постоечка единка, но голем дел од нејзините процеси зависат и од времето и условите во кои таа единка се развива… Овие влијанија делуваат на нејзиното обновување, нејзините последици и опстојување во дадената физичка форма. Христина Зафировска, преку своите дела, на апстрактен и сликовит начин го прикажува реалното и невидливото со голо око, поттикната од промените на животниот тек, настанати од пандемијата.

„Регенерација“ – Христина Зафировска

Маја Кировска претставува воздушести човечки фигури изработени од лесен природен материјал (скелети од листови од дрво), кои навидум лебдат во слободниот простор. Овие фигури наликуваат на костими кои ја следат анатомската форма на телото, а немаат екстремитети и глави слично на остатоците од пронајдените антички скулптури. Скелетите од листовите, всушност, го претставуваат циркулаторниот ситем на листот од дрво, тоа е оној систем кој ги снабдува со вода и ги одржува во живот. Тоа на еден симболичен начин се врзува за темата на изложбата „Регенерација“.

„Кожа“ – Маја Кировска

Овие човечки фигури со својата транспарентност истовремено наликуваат на кожа која змијата ја отфрла откако ќе ѝ стане тесна. Формата на човекот е присутна како остаток, како сведоштво за некоја негова преходна состојба, а тој не изчезнал туку пораснал, се трансформирал, ги пребродил предизвиците. Како паралела, на ѕидот се поставени слики во повеќе нијанси на црвена боја која потсетува на крв. Крвта е таа која го снабдува човекот со сите потребни материи и го одржува во живот, слично како водата преку системот за циркулација на растенијата.

– Помеѓу зборовите, мислите и битието отсекогаш постои бездна… Делата на конкретниве три уметници нè водат преку симболичен мост на невозможната мисија. Со атрибутот го отелотворуваат глаголот, а со глаголот атрибутот. Регенерација на кодот… регенерација на езотерична естетика… регенерација на времето кое ни доаѓа. Регенерација на просечно и болно, е она што нуди и прави емпатија, регенерација на минорното и грдото, е она што не ни се допаѓа. Забележливо е дека, јас авторот со ситниов број напишани зборови тешко се регенерирам во својот слободен пад помеѓу мислите и битието… сепак, во хармонијата на вкрстување на информации од било кој тип добиваме: машина, тело и дело кое се регенерира во веќе постоечка квантна состојба од варијантите.

Непоколебливо присутни со своите регенеративни идеи се: Христина Зафировска, Ана Ивановска и Маја Кировска кои го даваат своето себство спојувајќи се во просторот на Галерија МКЦ. Просторот е битен… во него времето минува и се отелотворува заедно со визиите на објектите кои ќе бидат поставени во него. Транспарентно видлива стварност на одреден код, кој ќе биде отелотворен во свеста на посетителот. А, посетителот ќе суди, и пресудата ќе важи само за него – напиша Горјан Ѓорѓиев, раководител на ликовниот сектор во МКЦ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот