Тресење од гаќи мора да има!

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Рекла Вилма ќе ги истресе од гаќи судиите што ја пуштиле Катица дома! И, вууу, лавина реакции: соопштенија, осуди, коментари, изјави. „Па како може така, тоа е незамисливо да се меша обвинителството во независното судство, те речникот бил несодветен“.

А всушност сите тоа го посакуваме. Еве да прашам што мислите треба ли некој навистина да ги истресе судиите од гаќи?
Можеби тоа не е Вилма Русоска по функција, ама сите чуствуваат дека нешто не штима во „независното“ судство.
Од Апелација велат биле „увреѓени“ од речникот на Вилма. ОК. Ама не кажаа според кои агрументи ја пуштија Катица во домашен. А требаше прво тоа да го сторат. Можеби имаат аргументи, ама можеби и немаат. На крајот на краиштата не е проблемот во тоа. И така од сите осомничени и обвинети во сите можни случаи не остана човек во притвор. Сите се дома или на пат во странство, или на некоја утакмица. Што да не и Катица. Уште сиромашкиот Боки остана. И тој се мачи, сака дома. Тој покабает ли е од Орце!? Или од жена му на Орце!?

Значи тресење од гаќи е неминовно во ова општество на уседени и умирисани поединци во правосудните органи. Зашто гаќите заудараат веќе на „подвлечено со жолто“.

Можеби и Вилма треба некој да ја истресе од гаќи, ама тресење треба да има. Сите предлагаат, а никој не се нафаќа. Ветинг во полицијата, ветинг на обвинители, ветинг на судии, ветинг на политичари…

Кај нас здруженијата и институциите на „фелата“ се како „братства“, внатре можеби се озборуваат, ама од нападите од надвор, се штитат. Апелација си ги брани своите, Судскиот Совет, своите, се очекува и Јавното обвинителство да ја одбрани својата.
Да ги прашаш и криминалците да имаа здружение, ќе си ги бранат своите. Само што во тоа здружение може да има членови и од горе споменатите и од не-споменатите.

Го слушам претседателот на Судскиот совет кај што вели тие ја следеле работата на секој судија и тие така стручно го правеле тоа, што тоа било без малку – ветинг!!!
Брее! И, колку судии „проветриле“? Двајца, без тројца!

Оттука, вториот дел од Вилмината „закана“ дека „вака“ никогаш нема во ЕУ да стигнеме е вистината. За неа никој не коментира. Тоа како да не е важно.
Од секогаш само зборовите ни биле важни, никогаш суштината. Затоа имеме одлуки без образложение- колку сакаш, закони без имплементација-на тони, оправдувања-до бесвест, меѓусебни обвинувања- бетер.
Треба еднаш сите патроти, и леви и десни да си ја чукнат главата и да речат, доста е! Заради државата, заради нас.
Инаку стално ќе имаме некоја Франција на глава. Сега е тоа Франција, утре Холандија ќе биде Франција, па Данска или некој друг.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот