Тренчевска: Работиме на нова методологија за платите, со ребалансот јавната администрација нема да добие покачување

Јованка Тренчевска, министерка за труд и социјална политика/Фото; Скриншот

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска тврди дека социјалниот дијалог е отворен и продолжува понатаму, но јавната администрација со дополнителниот ребаланс на буџетот нема да го добијат побараното линерално зголемување на платите од 2.806 денари.

-Барањето од 2.806 денари не е предвидено со новиот ребаланс затоа што зборуваме за градење на систем. Во ребалансот е влезен К-15 за 2022 кој не го побараа синдикатите, а ние велиме ќе обезбедиме К-15 и нова методологија која ќе се применува од 1.1. 2023 година, децидна е министерката Тренчевска.

Таа нагласи дека интерес и на Владата и на Министерството е да има поголеми плати, но само преку системско решавање на прашањата.

-Да немаме ад хок решение туку градење на систем кој е траен и одржлив, а токму тоа и го нудиме. Новата методологија којашто ќе значи постојан раст на платите на јавната администрација и која ќе го следи растот  на инфлацијата и растот на просечната плата во државата, нов закон за плати во јавната администрација и нов колективен договор во кој ќе се уредуваат дополнителните права на јавната администрација, рече министерката.

Синдикалците од друга страна се видно револтирани што Владата не го вклучи нивното барање за покачување на платите, па преку Фејсбук страницата потсетуваат колку е срамно што ниту вработените во Армијата, полицијата и во здравството не го добиле побараното покачување. ССМ од 22 јуни годинава стапи во Генерален штрајк со барање за линеарно зголемување на платите од 2.806 денари за секој работник.

-138 000 работниците се на генерален штрајк во јавениот сектор, но за претставнците на Владата, очигледно вработените во јавниот сектор се граѓани од втор ред. За жал во Македонија социјален дијалог нема. За жал од 1 мај до денес се прекинати сите официјални контакти со претставниците на Владата и министерствата за барањето на Сојузот на синдикатите на Македонија и на работниците за линеарно зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 2806 денари и покрај тоа што од страна на претставниците на Владата, Премиерот и Вицепремиерот бевме убедувани дека усогласувањето на платите во јавниот сектор ќе се случи со ребалансот на буџетот, констатира ССМ во една од последните објави на Фејсбук од минатата недела.

Од друга страна порастот на цените и растот на инфлацијата која во јуни изнесува 14,5% влијае врз намалувањето на куповната моќ на работниците и доведува до осиромашување на целокупното население, констатира ССМ.

Според анализата на ССМ, зголемувањето на минималната синдикална кошничка расте поради енормниот пораст на цените. Најголемо зголемување има кај исхраната и пијалоците за 3,6% во однос на предхониот месец мај 2022 година, додека пак споредено со предходната 2021 година истиот месец зголемено е за 21,2%. Синдикалната минимална кошница за месец јуни изнесува 39 710,00 ден. и од јануари 2022г ( 35 811.00 ден) е зголемена за 3 399,00 денари односно 9,49 %. За само една година или од претходната 2021 година истиот месец јуни кога синдикалната минимална кошница изнесувала 34.212,00 денари истата е зголемена за 5 498,00 денари односно 16%.

-Од месец во месец, драстично се зголемуваат трошоците за живот на едно четиричлено семејно домаќинство, а платите не го следат истиот раст. Истото го покажува и самата пресметка на синдикалната минимална кошница што ССМ ја пресметува секој месец. Затоа ССМ со право бара зголемување на платите на сите вработени како во јавниот така и во приватниот сектор и покрај евидентите противања на одредени субјекти кои се против зголемување на платите на работниците. ССМ бара оваа пресметка на синдикалната минимална кошница, како и зголемувањето на трошоците за живот да бидат причина веднаш да се пристапи кон склучување на Општиот колективен договор за јавен сектор со зголемување на платите на работниците согласно порастот на минималната плата и истите да се зголемат платите за најмалку 2806,00 денари во нето на секој работник во јавен сектор, децидни се синдикалците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот