Љупчо Поповски, новинар и аналитичар/ Фото: Архива

Трамп во вистинската вистина

Трамп има нула интерес за големата историја на Иран и Персија и нивната цивилизација. Тие имаат нула интерес за неговата слава од која е опседнат. И Иран и Трамп градат паралелна реалност. Тоа е битка на титаните.

За новинари, за аналитичари, политички научници изгледа извонредно комплицирано да предвидуваат како ќе тече војната на Америка и Израел против Иран поради исклучително непридвидливиот станар на Белата куќа. Откако издаде закана дека на една цивилизација ќе ѝ се случи Армагедон, ќе умре ако не се прифатат неговите барања за отворање на Ормускиот Теснец кои ќе водат кон примирје, дојде до 14-дневен прекин на огнот во кој сите прославуваат победа: И Иранците, и американскиот министер за одбрана Пит Хегсет, и Израелците, и арапските земји од Заливот, и кој уште не. Ова примирје е многу кршливо и изгледа сѐ ќе зависи како понатаму ќе се одвиваат мировните преговори во Пакистан, каде ќе биде вистинскиот тешкаш од Вашингтон, потпретседателот Џеј Ди Венс.

Иако сите се прогласуваат за „победници“ во овој момент, барем според најголемиот дел од анализите, и тоа главно во американскиот печат, вистинскиот „губитник“ е претседателот Доналд Трамп. Тој сега изгледа се наоѓа во неговата „вистинска вистина“ која не е status quo ante bellum (статус-кво пред војната), што значи дека САД сега се во полоша состојба отколку на почетокот на оваа војна по нивен избор.
Има многу објаснувања зошто Трамп непотребно започна војна по наговор на Израел, одби да ги послуша експертите кои повикуваа на претпазливост, смисли стратегија изградена врз погрешно разбирање на Иран, предизвика разорен регионален конфликт и смрт на илјадници цивили, ја поремети светската економија, ги зајакна репресивните инстинкти на иранскиот режим, ја остави Америка подискредитирана и изолирана, предизвика сериозни прашања за подобноста на претседателот за јавна функција, уништи големи делови од Иран и Либан, не го реши проблемот со залихите на високо збогатен ураниум на Иран или неговата идна нуклеарна програма, ги зајакна оние во Иран кои го поддржуваат поседувањето нуклеарно оружје и обезбеди Иран и Оман сè уште да планираат да го контролираат и да наплаќаат за поминување низ Ормускиот Теснец.

Како се дојде до оваа ситуација во која Иран крвари, но не е поразен, а високи функционери на САД се прогласија за победници без победа? Затоа веројатно е корисно да се вратиме еден месец порано, па потоа уште неколку месеци пред тоа, а најпосле на шест децении претходно за да се открие барем малку универзумот на Трамп кој копнееше по брза и блескава победа по неколкучасовната екскурзија или интервенција кога го грабна претседателот на Венецуела од Каракас.

„Да кажам, победивме“, изјави Трамп на митинг во Кентаки на 11 март. „Мислам дека победивме“, рече тој на јужниот тревник на Белата куќа на 20 март. „Ја добивме оваа војна. Војната е добиена“, рече тој во Овалната соба на 24 март. „Победуваме толку силно“, зборуваше тој на донаторска вечера на 25 март.

И продолжува да прогласува победа во Иран. Дури и со несигурното примирје. Но, со повторувањето дека била извојувана историска победа на Блискиот Исток не може да бидат променети фактите. Војната се претвора во ултимативен тест на оперативниот принцип што го водеше Трамп со децении: конструирање наратив, прогласување за вистинит и немилосрдно принудување на светот да му се потчини на тој наратив. Тоа со децении изгледаше ефикасно меѓу шефовите на богатите компании на Менхетен, тоа изгледаше супериорно во телевизиските ријалити емисии, па дури и во Вашингтон, каде е опкружен со МАГА-аџии кои речиси не помислуваат да ги доведуваат под сомнеж неговите прокламации. Затоа што најтврдокорниот дел од движењето МАГА функционира како култ.

Но, Иран се покажа дека е нешто поинакво кое ниту Трамп ниту неговите аѓутанти не го разбраа. Не само поради чувството за повеќеилјадна историја на голема цивилизација кое е во нејзиниот генетски код, туку и поради тоа што тоа е огромна земја со 93 милиони жители и 1,6 милиони квадратни километри површина (6,5 поголем од Југославија). Реалноста која со децении можеше да се искривува на Менхетен или последниве десетина години во Вашингтон, наеднаш дојде до ѕид и нема вистинско решение како да се прескокне оваа пречка или да се направи дупка во неа. Искривената реалност ја загуби моќта да плови без проверка.

Нема извинување и нема слабост

Но оваа промена на расположените меѓу Американците како да не го интересира многу Трамп. Тој уште е опседнат со самодоверба со која мисли дека може да контролира сѐ. Таа самодоверба се развиваше со децении и децении уште кога раснеше во едно предградие на Квинс, Њујорк, каде што се вели дека неговиот татко Фред, богат инвеститор во недвижности, го научил никогаш да не се извинува или да покажува слабост. Неделите ги поминувал во црква, каде што главен пастор бил Норман Винсент Пил, автор на влијателниот бестселер „Моќта на позитивното размислување“.

Директивите на книгата ги вклучуваат овие сентенци: „Формулирајте и трајно врежете во вашиот ум ментална слика за себе како успешен. Држете ја оваа слика цврсто. Никогаш не дозволувајте да исчезне. Вашиот ум ќе се стреми да ја развие сликата. Не градете пречки во вашата имагинација“.

Гвенда Блер, биограф на Трамп, рече: „Кога беше во средно училиште, во воената академија, веќе му кажа на својот цимер дека неговата цел е да биде славен и сфати дека тоа што си славна личност ти дозволува да ја извиткаш реалноста, да се извлечеш од комплицирани ситуации, да бидеш што е можно поголем. Неговиот цимер го опиша Трамп како лежи на креветот во студентскиот дом и ги објавува своите планови да стане славен.

Тој сфати дека тоа е решението и беше во право. Колку си поголем, толку повеќе луѓе се привлечени од таа слава и толку се поподготвени да не го гледаат она што, всушност, се случува, бидејќи можеш да им кажеш што се случува. Можеш да им кажеш што е пред нивните очи, а да не одговара на вистината која е многу поздодевна“.

Овој пристап му послужи добро на Трамп додека тој влегуваше во семејниот бизнис. Тој отвори хотели и казина и беше озлогласен по претерувањето со сопственото богатство. Тој го продаваше казиното „Таџ Махал Трамп” во Атлантик Сити како „осмо светско чудо“ и им вети на регулаторите и инвеститорите дека ќе биде вистинска крава за пари; казиното поднесе барање за банкрот една година по отворањето.
Всушност, бизнисите на Трамп банкротираа шест пати, иако тој никогаш не прогласи личен банкрот. Во меѓувреме, тој ја зацврсти својата слава со водење на ријалити-шоуто „Чиракот“ и влезе во политиката со лагата дека Барак Обама е роден во странство. Неговите лажни тврдења за време на изборната кампања во 2016 година – на пример, дека Мексико ќе плати за граничниот ѕид – не се покажаа како пречка за неговата победа.

За време на неговиот прв мандат Трамп изнесе повеќе од 30.000 лажни и погрешни тврдења, според пресметката на „Вашингтон пост“. Тој постојано создаваше своја алтернативна реалност. Но, стратегијата се расипа кога Америка беше погодена од пандемијата на Ковид-19 и стотици илјади смртни случаи не можеа да се поништат. Трамп конечно ги загуби изборите во 2020 година.

Превртено огледало

Трамп држеше превртено огледало кон реалноста, претставувајќи ги кривичните истраги против него како лов на вештерки и обвинувајќи ги демократите дека го користат Министерството за правда како оружје, дури и кога самиот Трамп му нареди на државниот обвинител да ги гони своите политички противници. Големите технолошки директори, адвокатските фирми, медиумските компании и универзитетите се предадоа на неговите наративи.

Бројни странски лидери, исто така, се препуштија на верзијата на светот на Трамп, фалејќи го неговото лидерство во војната во Украина, правејќи отстапки за царините или согласувајќи се дека тој заслужува Нобелова награда за мир за наводно завршување на седум војни. Но, неговите планови за Гренланд наидоа на ѕид. Војната во Иран на уште поголем ѕид.

Шест недели по почетокот на конфликтот, Трамп е во неволја. Има малку знаци дека иранскиот режим ја губи контролата. Наместо тоа, како што предвидоа многу набљудувачи, Техеран предизвика глобална енергетска криза со блокирање на Ормускиот Теснец. Анкетите на јавното мислење покажуваат дека војната е веќе непопуларна кај американските гласачи. Нема очигледна стратегија за излез.

Медиумските извештаи сугерираат дека Трамп се „досадува“ од војната и сака да ја остави зад себе. Прашање е кога би можело да се случи тоа. Доналд Трамп го сретна својот момент на вистината. Видот на измислен живот што го водеше и го евоцираше во последните четири или пет децении сега е разоткриен како трагична и смртоносна драма. Во таа драма ќе гинат толку многу луѓе. Може да биде сериозно подјадена американската и регионалната економија. И Америка да се врати назад, а нејзиниот углед да биде драматично поткопан.

Дојче веле

(Авторот е новинар и политички аналитичар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот