Тивка пандемија: Бактерии отпорни на антибиотици убиваат по милион луѓе годишно

Фотографија ЕПА, Надим Хавер

Авторите на студијата предупредуваат на претераното користење антибиотици за третирање тривијални инфекции, што со време го намалува нивното дејство врз сериозните инфекции

Повеќе од 1,2 милион луѓе низ светот во 2019 година починале како последица на инфекции предизвикани од бактерии што развиле отпорност кон антибиотици, покажува досега најобемната студија посветена на овој проблем.

Најсиромашните земји се најтешко погодени, но слично како и со неправедното распределување на вакцините, отпорноста кон антибиотиците потенцијално го загрозува секое катче на светот.

Авторите на студијата, спроведена од меѓународни истражувачи, на чело со оние од Универзитетот на Вашингтон, предупредуваат на претераното користење антибиотици за третирање тривијални инфекции, што со време го намалува нивното дејство врз сериозните инфекции.

– Луѓе сега умираат и од вообичаени инфекции, кои порано лесно биле третирани, бидејќи бактериите што ги предизвикуваат станале поотпорни на третманите – се наведува во студијата.

Покрај „разумното“ користење на достапните лекови, се повикува и на повеќе инвестиции во развојот на нови и поефикасни антибиотици.

Британски здравствени функционери неодамна предупредија дека антимикробната отпорност е „прикриена пандемија“, која може да избувне како несакана последица од ковид-19 ако лекарите на препишуваат одговорно антибиотици.

За истражувањето биле анализирани податоци од 204 земји. Пресметките покажале дека во 2019 година бактериите отпорни на антибиотици директно предизвикале 1,2 милион смртни случаи, а имале улога и при уште 3,8 милиони смртни случаи. За споредба, од маларија во тој период починале 640.000 луѓе, а од сида 860.000.

Од отпорните бактерии, најубиствени биле оние што ги напаѓаат системот за дишење и крвотокот, а особено МРСА (стафилокока ауреус отпорна на метицилин) и ешерихија коли. Најранливи се децата на возраст под пет години. Од оваа категорија секој петти смртен случај бил предизвикан од отпорни бактерии.

– Вложувањата мора да бидат насочени кон спречувањето инфекции, потоа мора да се обезбеди соодветно и пресметано користење на постоечките антобиотици и на крај мора да се воведат нови антибиотици на пазарот – вели докторот Рамана Лакшминарајан од вашингтонскиот Центар за динамика, економија и политика на зарази.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот