Транспаренси-Македонија: Правдата за случајот „Маѓар Телеком“ е задоцнета и селективна

Транспаренси интернешнал – Македонија реагира дека правдата во врска со случајот „Маѓар Телеком“ е задоцнета и селективна.

Анализата на ТИ-М покажа дека помеѓу 2000 и 2006 година мала група на поранешни високи извршни лица на Компанијата и на Македонски филијали на Компанијата, одобриле трошење од околу 24 милиони евра низ повеќе од 20 сомнителни договори за консалтинг, лобирање, и други договори (вклучувајќи одредени договори помеѓу Компанијата и нејзини филијали од една страна и филијали на Кипарска консалтинг компанија од друга страна), се вели во реакцијата.

Посочуваат дека Јавното обвинителство не повело постапка против организаторите на коруптивната шема и наредбодавците туку само против извршителите.

Органите во САД ги товарат токму овие лица, занемарувајќи ги оние кои (ако не биле тие ќе биле некои други) само ја спровеле наредбата и формално ставиле потпис на документите. Бројот на договори и трансакции кои ги третираат органите од САД е поголем од бројот на договорите и трансакциите што ги третираат органите на прогон во Р. Македонија. Разлики постојат и во вкупната сума на пари. ЈО нема подигнато обвинение против правното лице, иако кривична одговорност за правните лица во нашето кривично законодавство има од 2004 година. Одговорноста за делата на неговата филијала во Република Македонија односно Македонски Телеком А.Д. Скопје, Маѓар Телеком непобитно ја признава во Спогодбата со Министерството за правда, додаваат од Транспаренси интернешнал – Македонија.

Велат дека уште во 2012 година имаат изработено Информација заснована врз релевантни и јавни документи, следејќи го отворањето на епилогот на истрагата за работењето на Маѓар Телеком во периодот од 2000 година до 2007 година.

Едноставна споредба на содржината на информацијата на ТИ – М и предметот кој се води во правосудниот систем на Република Северна Македонија укажува на селективност во постапката, со намера да се покаже минимален придонес кон борбата против корупцијата и да се одбегне водење на постапка против домашните функционери и поранешни политичари, заклучуваат од ТИ – Македонија.

По изминати 12 години, Основниот кривичен суд Скопје пред три дена ја објави првостепената пресуда за „Маѓар телеком“. Обвинетите се прогласени за виновни за „несовесно работење во службата“ и осудени се на затворска казна од осум години за секој од обвинетите.

Задолжени се и да надоместат штета од 67.407.760 денари на оштетената Република Северна Македонија и судски трошоци за постапката. Тие имаат право да поднесат жалба за Кривичен до Апелациониот суд Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот