Тешко е, ама протов лажните вести се може: Ако вистината доминира, тогаш лагите остануваат на маргините

Profimedia

Проверката на факти е многу важна. Таа ѝ дава шанси на вистината, остава трага, им нуди аргументи на оние кои се борат за неа, вели уредникот на „Вистиномер“, Владимир Петрески, чиј впечаток е дека бројот на дезинформации е помал од порано.

Воведот беше дека не постои, не е вирус и не е поопасен од грип, заплетот беше дека е создаден во лабораторија, но се спречува со лук, гаргара и пиење течности, а кулминацијата, дека тоа е реакција на 5Г мрежата и маските никого не штитат. Пандемијата на коронавирусот донесе  глобална драма во која на сцена се менуваат лажните вести, полуинформациите и теориите на заговор, а публиката која го брои буквално целиот свет „ги јаде како алва“. Една година по премиерата и по 2,1 милион починати, уште се бара лек и за вирусот и за лажното информирање, а за расплет засега не станува збор.

И македонскиот медиумски простор од почетокот на пандемијата е преплавен со лажни вести за коронавирусот, кои се шират најмногу низ социјалните мрежи и интернет-порталите, но и со соодветен одговор на нив. Граѓанинот во целата досегашна здравствена криза има можност да прочита разни шпекулации и сензации и веднаш да ги спореди со други извори на проверени информации, па да донесе одлука како ќе делува во серизоната здравствена криза. Официјалните информации за својствата и заштитата од коронавирусот се достапни на страниците на Институтот за јавно здравје, Министерството за здравство и на Светската здравствена организација, а лажните вести завршуваат на обработка во сервиси за проверка на фактите како на пример, на „Вистиномер“, или во традиционалните медиуми. Во разобличувањето на лажните вести активно е вклучен и „Слободен печат“.

Помалку се од порано, ама уште ги има

Според Владимир Петрески уредник на сајтот „Вистиномер“ најдобар лек за лажните вести е вистината. Денес, вели тој, нивото на дезинформации на порталите е пониско од периодот 2015-2017 година, а на социјалните мрежи проверувачите на факти сериозно влијаат врз нивниот број. Сепак, лажни вести за коронавирусот – има.

Владимир Петрески, уредник на сајтот Вистиномер.мк

– Епидемијата се случи во време на зголемена недоверба и воспоставени и раширени мрежи за ширење на дезинформации, кои коронакризата ја присвоија како уште една дополнителна тема што може да се експлоатира за политички, идеолошки или финансиски цели на поединци, групи, па и цели владејачки структури. На оние кои шират дезинформации им помогна и фактот што станува збор за нов вирус за кој има многу непознаници и за кој новите информации се дознаваат во од. Во земјава првите дезинформации почнаа да пристигнуваат од Кина, Далечниот Исток, а потоа и од западните земји, онака како што се ширеше заразата. Особено значајни беа и сѐ уште се дезинформациите кои се пренесуваат од регионот, особено од север, од каде што со години наназад има канали за ширење дезинформации во Северна Македонија – вели Петрески.

Најголемата опасност од дезинформациите во време на пандемија Петрески ја гледа во нивната способност да ги загрозат јавното здравје и човечките животи и потсетува на најзначајните примери.

– На почетокот преку социјалните мрежи во Иран се појави дезинформација според која коронавирусот се лекувал преку пиење концентриран, речиси чист алкохол. Се смета дека меѓу 500-800 лица завршија во болница заради оваа дезинформација. Слични дезинформации имаше и кај нас, дека ковид-19 се лечи со три пати по една чашка ракија дневно во комбинација со некаква тревка. За среќа, ние во „Вистиномер“ успеавме да ја сосечеме ваквата дезинформација пред да се рашири. Значи, станува збор за ширење на штетни по здравје надрилекови или надритерапии – вели Петрески.

По оние за лекување, следен вид крајно штетни дезинформации, се надоврзува тој, се оние за превенција, повторно преку надрилекови или храна со лековити својства, што им влеваат лажна сигурност на граѓаните, а тука предничи лукот за кој се дезинформира дека е и лек и вакцина. Тие прават граѓаните да не ги почитуваат мерките затоа што сметаат дека се заштитени од лековита храна, додатоци или чај.

– За жал, впечаток е дека ваквите дезинформации понесоа своја цена во човечки животи. Трет вид на дезинформации, многу актуелни, се оние што креираат вакцинско двоумење, вакцинска несигурност, па дури и повикуваат на вакцински бојкот. Тие се особено штетни за јавното здравје, затоа што ако не се вакцинирате шансите се значителни дека кога-тогаш ќе ви се вкрстат патиштата со коронавирусот. „Вистиномер“ и Фондацијата „Метмаорфозис“ се согласуваат со ставовите на нашите партнери од Фејсбук, со кои имаме соработка за проверка на фактите на оваа социјална мрежа, дека е неопходно да вложиме максимални напори во борбата против виралните дезинформации кои креираат вакцинско двоумење и несигурност. Исто опасни се и теориите на заговор како онаа дека коронавирусот е создаден од глобалистичко-сатанистичката елита со цел депопулација на планетата и слични. Тие придонесуваат кон застранување на јавната дебата и го насочуваат јавниот дискурс кон бесполезно трошење време и енергија, ја зголемуваат недовербата во институциите и создаваат емоции на бес, страв, како и непријателства и поделби – вели Петрески.

Со образованието и со вистината, напред!

Според комуникологот Бојан Кордалов, целта на лажните вести е да се замаскираат и да изгледаат како реални и кредибилни информации, кои се еднакво вредни да бидат дел од личниот и јавниот дискурс. Тој смета дека ако инстутуциите пружаат лоши јавни услуги, поголемо е влијанието на лажните вести, а решението против нив треба да се бара во образованието.

Бојан Кордалов, комуниколог

– Сите треба да научиме да си веруваме себеси и на своето изградено критичко и креативно размислување. Институциите, од своја страна треба да научат да комуницираат со граѓаните како со индивидуи, а не како со колектив или „маса на луѓе“. И ваквата промена мора да почне од најмала возраст во образовните институции, кои ќе всадат критички дух кај секој ученик, но и нивно дигитално описменување и стекнување на знаења и вештини на иднината – вели Кордалов во интервју за „Слободен печат“.

Петрески објаснува дека има повеќе начини за против дезинформациите, а најважно е вистината да биде достапна, иако и таа сама по себе не е доволна.

– На почетокот се сметаше дека проверката на факти (факт чекингот) ќе ја заврши работата, но се виде дека не е доволно. Да не бидам разбран погрешно, проверката на факти е многу важна во борбата против дезинформациите, но вистината сама не може да се справи со нив. За жал, луѓето имаат лични интереси кои им се поважни од вистината или имаат вложено премногу време, интегритет или пари во дезинформациите, што признанието дека лажеле за нив е прескапо или затоа што излажале премногу луѓе премногу пати или затоа што од лажењето им зависи кариерата или личната благосостојба. Но, во секој случај проверката на факти е многу важна.Таа ѝ дава шанси на вистината, остава трага, им нуди аргументи на оние кои се борат за неа. Проверката на факти ќе остане со години и децении и ќе претставува светлина во корист на вистината за идните генерации без оглед колку лагата да стане силна – вели Петрески.

Во борбата против лажните вести многу е важно, објаснува нашиот соговорник, да се постигне атмосфера во која каналите за јавна комуникација редовно би се преплавувале со вистинити информации. Ако вистината доминира, поентира тој, лагите остануваат на маргините, односно онаму каде што беа кога на информативниот простор доминираа традиционалните медиуми. А, кога лагите се на маргините, нивното влијание е минимизирано и подносливо.

– Традиционално, мерките против дезинформациите се делат во две категории – краткорочни, како проверката на фактите, градењето на позитивни наративи и промоција на фактите и долгорочни, какви што се засилувањето на медиумската писменост и критичкото мислење. „Метаморфозис“ работи и на двете полиња. Преку проверките на фактите се бориме против оние дезинформации што можат да нанесат големи штети денес, а преку развивање на курикулуми, обуки за критичкото мислење и медиумската писменост и со застапување за политики во корист на вистината, битката ја водиме на долгорочен план, пред сѐ, за добробит на идните генерации – вели уредникот на „Вистиномер“.

Се лаже за миг, а се исправа „цел век“

 Проверката на факти трае долго. Многу подолго од времето потребно да се креира лагата, а особено долго ако имате работа со професионални дезинформатори, кои знаат кои лаги можат да им бидат големи, а кои лаги мора да ги дозираат или прикриваат со манипулативен јазик, вели Петрески.

Поговорката вели „додека вистината ги обуе чевлите, лагата ќе го заобиколи светот“. Дебанкирањето на лагите бара време, а луѓето не сакаат да се навраќаат на нешто што го читале пред неколку дена или претходната недела. Нив ги интересираат новостите, тие сакаат да дознаат што е ново. Особено не сакаат да читаат написи во кои ќе дознаат дека биле измамени кога ја прочитале лагата неколку дена претходно и поверувале во неа. Станува збор за еволутивен одговор на одбрана. Ако некој ни вели дека сме биле излажани, тешко ни е да си го признаеме тоа и веднаш се обидуваме да најдеме аргументи дека тоа не е точно, дека сепак сме биле во право кога сме поверувале, па дури и му се лутиме на оној кој ни кажува дека сме поверувале во лага. Треба многу енергија, треба многу контраинтуитивен и антиеволутивен напор за да си признаеме дека сме биле измамени, а тоа не секогаш е лесно. На прв поглед работите изгледаат како да се поставени против вистината. Но, тоа се менува. Тоа го покажува и новата глобална програма на Фејсбук за проверка на факти во која во моментов учествуваат проверувачи на факти од 75 земји во светот, меѓу кои од Северна Македонија е порталот Вистиномер, во издание на „Метаморфозис“, при што таа бројка рапидно ќе се зголемува. Алатките кои сега за првпат им стојат на располагање на проверувачите на факти веќе носат резултати. И тие резултати ќе бидат сѐ позначајни како што ќе одминува времето – вели Петрески за „Слободен печат“.

Во дебанкирањето на лажните вести се вклучи и Слободен печат. Уредништвото на нашиот медиум одлучи една страна од весникот да посвети на веб новостите каде на читателите им ја нудиме вистината за разните теории на заговор и лажни вести поврзани со коронавирусот, како и со процесот на вакцинација, а кои во најголем дел се шират на социјалните мрежи. Овие написи можат да се најдат и на електронското издание. Нашата цел е на читателите да им ја донесеме вистината за пандемијата, со цел да не се нанесуваат штети по општото јавно здравје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот