Таравари не им се меша на братучедите Мемеди од Детска Клиника
Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека не е негова работа да се меша ако некој директор од клиниките во скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“ ангажира советник од поранешните економски директори. Коментарот доаѓа откако директорот на Детската клиника Реџеп Мемеди, за консултант го постави неговиот братучед и поранешен економски директор Алајдин Мемеди, инаку тужен да врати пари во болницата по основ на плата пресметана по повисок коефициент од законскиот.
Препорачано
-Законски веќе не постојат, доколку некој смета дека некој од бившите економски директори би бил некаков експерт и дека треба да го земе како советник, тоа е негова работа. Ние законски го регулиравме, сега клиниките имаат по 1 директор, наскоро сите клиники ќе имаат само еден директор.
Ние одиме по рационализирање, а тие кои што сметаат дека одредени луѓе се експерти може да ги примаат по министерства и по различни здравствени установи и по други компании, што јас не можам да се мешам во тоа, воопшто не е моја работа, рече Таравари.
Како што објави „Слободен печат“, директорот на Клиниката за детски болести доктор Реџеп Мемеди, на 16 август го ангажирал како консултант на Клиниката неговиот братучед Алајдин Мемеди, инаку разрешен економски директор на истата клиника. Оваа информација ја потврдуваат од Детската клиника без да прецизираат каков консултант е Алајдин Мемеди, односно од која област. Сепак за новиот консултант се знае дека е поранешен економски директор на Клиниката за детски болести и дека беше разрешен во ноември 2022 година поради утврдени нерегуларности по извршена контрола на работењето на оваа Клиника спроведена од Фондот за здравствено осигурување.
Покрај тоа, него Детската клиника го тужи, за да врати 2.300 евра во болничката каса, бидејќи додека бил економски директор платата во дел од периодот му била исплаќана со повисок коефициент од законски утврдениот.
Извори од Детската клиника за „Слободен печат“ велат дека Мемеди добил и своја канцеларија и тоа не било која – туку се вселил во канцеларијата на претходниот економски директор. Се шпекулира дека деновиве била ангажирана и негова секретарка.
Министерството за здравство и Владата се пофалија дека ги укинуваат економските директори поради нивната неефикасност и буџетски импликации, но старите личности со нови модуси се враќаат во болничките ходници и на платниот список.
Собранието на 13 август го донесе Законот за изменување на Законот за здравствената заштита, со кој се укинуваат економските директори, по речиси 40 дена откако Владата ги усвои предлог-измените.
На Клиничкиот центар и во другите болници, вкупно имаше околу 30 економски директори, за што од буџетот само за плати годишно се трошеа нешто повеќе од половина милион евра.


