Танцтеатар: Премиера на „Петтото годишно време“ во Велешкиот театар

Народниот театар „Јордан Х.К.-Џинот“ во Велес на 12 јуни премиерно ќе ја изведе претставата „Петтото годишно време“ по текст на Сашо Димоски, во режија на Васил Зафирчев, а во изведба на балерината Олга Панго. Премиерната изведба на претставата ќе се одржи во рамките на свеченото затворање на „Рациновите средби“.

„Петтото годишно време“ е магистерска претстава по театарска режија на Васил Зафирчев, под менторство на проф. Дејан Пројковски на Факултетот за театарски уметности на Универзитетот „Еуропа прима“ во Скопје. Станува збор за танцтеатарски моноперформанс, кој ги истражува и ги имплементира авторските и уметничките постапки од постдрамскиот театар и танцтеатарот.

Сценографијата, видеото, илустрациите и рекламниот материјал за претставата се на Филип Коруновски, костимографијата е на Раде Василев, а автор на аудиодизајнот и музиката е Сашко Костов.

Приказната во претставата е за една балерина на 73 години, сместена во старечки дом, која иако боледува од Алцхајмерова болест, грчевито се бори да ги евоцира и оживее најзначајните моменти, настани и случки од нејзиниот минат живот, со цел да стигне до нејзиниот вечен сценски момент, кој практично ќе значи и нејзина конечна физичка смрт.

Првата реприза на претставата е најавена за 16 јуни, а на 24 јуни претставата ќе биде изведена и во рамките на фестивалот на монодрама во Битола.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 84, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 12-13 јуни 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот