Тања Кокев, модна дизајнерка: Животот е игра на добро и лошо, црно и бело, а балансот е некаде помеѓу

Модната дизајнерка Тања Кокев, која од неодамна има и салон за убавина, на читателките на „Женски печат“ им открива дека кога имаш 46 години, имаш доволно искуство да знаеш што те прави среќен, а што ти носи тага. Па се трудиш со сите сили да го најдеш балансот меѓу тие две нешта.

Во навика ѝ е да трча со слушалките на уши, слушајќи ја омилената музика. Ограничувања не сака, а тука спаѓа и режимот на исхрана. Ја почитува само умереноста во сè, па и во исхраната. Но, она што според неа бара многу повеќе, е работата на себе како личност.

Практикуваш ли посебен режим на исхрана?

– Во принцип, не сум карактер кој сака да робува на било какви режими. Единствениот режим кој го почитувам е умереноста. Умереност во сè, па така и во исхраната. Тоа значи дека не сакам да се лишам од ништо, но сè во многу умерени количини. Преку недела се трудам секој оброк да биде класична манџа со многу зеленчук, а за време на викенд риба и месо.

На јавноста си ѝ позната како модна дизајнерка, но тоа што е помалку познато е дека имаш и салон за убавина. Колку ги користиш сите оние третмани што ги нудат современите салони за убавина?

– Кога станува збор за нега на лицето, не правам никакви компромиси. Главната нега е во мојот салон за убавина „Ароматик бјутис Кокев“. Еднаш неделно правам апаративен лифтинг дополнет со различен тип на третман, од „антиејџ радиенс“ и ултрахидратација. Ги менувам секоја недела, по однапред одреден распоред за да му дадам сè што му е потребно на моето лице.

Која е тајната на 46 години да изгледаш онака како што изгледаш, во добра форма? Гени се во прашање или вежбање?

– Би рекла 50-50, имам наследено навистина добри гени за кои сум неизмерно благодарна. Но, исто така, трчам петпати неделно наутро. Сакам да трчам сама, само со слушалки и омилената плеј-листа.

Како што е важно физичкото здравје, исто толку е и психичкото. Како постигнуваш внатрешен баланс?

– Е, ова бара најмногу работа. Работам многу на себе, секој ден се трудам да бидам подобра личност прво сама со себе, потоа и со другите. Една од главните пречки за баланс е и стравот. Затоа, многу треба да се работи на него. Колку помалку стравови, толку помалку ограничувања. Во принцип на 46 години имаш доволно искуство да знаеш што те прави среќен, а што ти носи тага и се трудиш со сите сили да го најдеш балансот меѓу тие две нешта. Животот е игра на добро и лошо, црно и бело, балансот е некаде помеѓу, лесно се наоѓа ако знаеш да гледаш и слушаш со затворени очи и уши. Помалку со паметот, повеќе со срцето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот