Свински грип во Македонија? Д-р Митрев тврди дека на клиниката има пациенти во тешка состојба

Жан Митрев Клиника

„Од вчера и завчера на нашата клиника има пациенти кои исто така се во многу тешка состојба, кај кои дијагностициравме свински грип“, рече д-р Жан Митрев во вечерашното гостување во „Топ тема“ на ТВ „Телма“.

Тој објасни дека и за тие пациенти, кои се во многу тешка состојба, иако не се болни од ковид, ја применувале методата на хемофилтрација, како дел од третманост на овие пациенти.

„Всушност, и овие пациенти не се лекуваат од свинскиот грип, туку од последиците од свинскиот грип, исто како што се случуваше и со ковидот“, вели Митрев.

Изјавата на д-р Митрев доаѓа како изненадување бидејќи здравствените власти во земјава досега не информирале дека во Македонија има случаи на свински грип, кој e предизвикан од вирусот Х1Н1 и негови поттипови. Станува збор за болест со симптоми слични на сезонскиот грип, која, исто како и ковид-19 и сезонскиот грип, може да предизвика тешки компликации кај одредени групи пациенти. Докторот не откри дали станува збор за лабораториски потврдени случаи на свински грип на неговата клиника, што, доколку се потврди, би морало да ги алармира властите.

Митрев вечерва објаснуваше дека хемофилтрацијата е всушност метода која не е лек за ковид, туку еден вид метода која им помага на пациентите да се извлечат од тешката состојба, која, пак, настапува кога откажуваат бубрезите на пациентот и срцето не може да ја издржи таа состојба.

„Хемофилтрацијата е шанса што му се дава на пациентот за неговиот организам, кој е во многу тешка состојба, да се избори со таа состојба. Таа е иста кко хемодијализата кај бубрежно болните“, рече Митрев.

Хемофилтрацијата во неговата клиника чинела 3.000 евра, а според него таа била утврдена „врз основа на економски параметри“. Митрев вели дека не ги доведувал во заблуда пациентите, а средствата кои тие ги депонирале, а не им била извршена услугата, им биле враќани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот