Светот има недостаток на пченица, се очекува голем раст на цените

Пченица
Производство на пченица/ Фото EPA-EFE/YAHYA ARHAB

Љубителите на италијанските тестенини можеби ќе треба да посегнат подлабоко во џебот за да ја добијат омилената храна, бидејќи производителите не можат да сметаат на канадската тврда пченица, а жетвата во Италија е ослабeна, пишува Ројтерс.

На Канада вообичаено отпаѓаат околу две третини од глобалната трговија со тврда пченица, а жетвата оваа година треба да биде за половина послаба од 2020 година поради екстремните горештини и сушата.

Висока цена на тврда пченица

Поради слабата жетва во Канада, цените на тврдата пченица веќе се искачија на највисоко ниво во последните 13 години, што ги зголеми стравувањата од нагло зголемување на цените на храната за време на периодот на закрепнување на економијата од пандемијата на ковид-19.

Преполовеното канадско производство, исто така, се совпадна со падот на светските залихи на тврда пченица на најниско ниво во последните шест години, делумно поради тоа што луѓето складираа тестенини за времето на карантините.

Италијанските производители на тестенини најчесто задоволуваат најголем дел од потребите за тврда пченица на домашниот пазар, но прогнозата за жетвата неодамна е намалена и тие ќе бидат принудени да излезат во виорот на меѓународните пазари.

Послаба жетва во Италија

Жетвата на тврда пченица во Италија оваа година се очекуваше да го надмине нивото во 2020 година, но Европската комисија ја намали проценката за производство во октомври од 4,3 на 3,7 милиони тони, па производителите на тестенини почнаа да стравуваат за залихите во првата половина на следната година.

„Ќе биде подраматично отколку што е сега, бидејќи сè уште можеме да добиеме домашна пченица во моментов. Ситуацијата со тврдата пченица е многу сериозна“, рече извршниот директор на брендот за тестенини „Divella“, Винченцо Дивела.

Некои компании се изложени на ризик од недостиг на клучни суровини откако домашните резерви на пченица се исцрпени и би можеле да бидат принудени да го прекинат производството во наредните месеци, предупреди аналитичарот на „Strategy Grains“, Северин Омнес-Маисонс.

„Што се однесува до цените и недоволната понуда на тврда пченица, најлошото можеби допрва доаѓа“, истакна Омнес-Маисон.

Откупувачите најдоа замена за канадската пченица, па Австралија оваа сезона се проби на второто место на листата на добавувачи на оваа храна во Европската Унија, а Мексико ја исполни големата побарувачка за увоз со пратки од Алжир.

Турција ги менува прописите

Турција, главен извозник на тестенини, одговори на кризата во снабдувањето со тврда пченица со регулатива која го зголеми максималниот удел на обичната пченица во тестенините за извоз од 30 на 100 проценти.

Намалената побарувачка од Турција и Северна Африка ќе биде главната причина за падот од 6 отсто на глобалната потрошувачка на тврдата пченица во производството на храна во сезоната 2021/2022 година, предвидува „Strategy Grains“.

Меѓународниот совет за житарки предвидува дека глобалната побарувачка за тврда пченица ќе падне на најниско ниво во последните 19 години, а залихите ќе паднат на најниско ниво во последните 14 години до следното лето, што значи дека понудата ќе биде речиси еднаква на побарувачката пред следната жетва.

Каде е крајот на поскапувањата?

Иако некои производители на тестенини значително ги зголемија цените, префрлајќи дел од трошоците на крајните потрошувачи, тоа веројатно нема да има големо влијание врз побарувачката во богатите европски земји, каде што тврдата пченица е пропишаната суровина за овој прехранбен производ.

Домаќинствата дефинитивно ќе го почувствуваат поскапувањето.

Компанијата за анализа на податоци „Нилсен“ соопшти дека цените на евтините брендови на тестенини во супермаркетите во Франција пораснале за речиси една петтина во октомври во споредба со минатата година, а ова можеби е само најава за големите зголемувања на цените што се на врата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот