Свечено доделување на наградата „ПЕГАЗ“ и промоција на „Насон прочитана книга“ од Соња Манџук вечерва во Музеј на Град Скопје

Наградата „ПЕГАЗ“ за најдобар необјавен роман е своевидно продолжение на веќе етаблираната награда „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“.

На конкурсот, распишан од издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата „Славко Јаневски“, пристигнаа 77 ракописи. За победникот, кој беше соопштен во септември 2019 г., одлучи тричлената стручна жири-комисија, во состав: Димитар Башевски (писател и издавач), Иван Шопов (писател) и Бисера Бендевска (уредничка во „Арс Ламина“).

Во краткиот опис за „Насон прочитана книга“ се вели: „Тоа беше мала книшка по обем, со сосема обични корици, еднобојни, но, допрени од времето, личеа на печена глина и го имаа оној карактеристичен мирис на стара хартија. Сосема обично и логично. Насловот: Adeptus Anonimus – Sommnium. Година на издавање 1890, Лондон. Издавач: Теозофско Друштво. Морав да седнам. И седнав во еден ќош. Изненадувањето ми беше огромно, но не знам дали поради него, со голема брзина во мојата глава минуваа и се менуваа и борхесовиот сон и еден одамна прочитан и заборавен сон на Јунг, а го видов и Успенски – иако не знаев како изгледа – како ù вели на една мачка: ако е ова сон, оваа мачка нека се престори во пес“.

Промотор на книгата ќе биде Ѕвездан Георгиевски од Фондацијата „Славко Јаневски“, а ќе се обратат и претставници од жири-комисијата како и од издавачката куќа „Арс Ламина“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот