Судењата на раководството на ОВК во Хаг може да значат една главоболка повеќе за Вучиќ, еве зошто

EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

98 убиства, сторени од март 1998-мата до септември 1999, извршени во 34 нелегални притвори на ОВК во Косово и Албанија. Ова е дел од обвинението против поранешните челници на некогашната Ослободителна војска на Косово поднесено од Хашкиот суд.

Косовскиот претседател во оставка Хашим Тачи, поранешниот претседател на ДПК, Кадри Весели и шефот на парламентарната група на движењето “Самоопределување” Реџеп Селими се главните осомничени за овие злосторства против човештвото и сите тројца веќе завршија во хашките притворски одделенија на Косово од каде ќе бидат пренесени во Хаг.

Процесот против највисоко рангираните политичари на Косово не е изненадување бидејќи трибуналот веќе подолго време врши подготовки за судењето, но дел од јавноста е изненаден од ажурноста на трибуналот со оглед на досегашното споро процесуирање на обвинувањата за злосторства сторени од ОВК.

Трибуналот во Хаг одамна е обвинуван дека не се води само според принципите на правото туку дека преставува и политичко оружје за моделирање на прозападната политика, и тие обвинувања најчесто доаѓаат од српските политичари источно или западно од Дрина. Настрана теориите на заговор, она што паѓа во очи е дека забрзувањето на процесот против Хашим Тачи, некогашниот командант “Змија”, доаѓа во исто време кога се забрзува и интензитетот на преговорите за решавање на статутот на Косово, модериран на два нивоа, едно од САД и едно од Брисел.

Во јуни годинава се случи и многу симптоматичен потег, кога неколку денови пред патот на Хашим Тачи во Вашингтон на средба со српскиот претседател Вучиќ, косовскиот претседател доби повик од Хаг да сведочи по што Тачи ја откажа посетата на Вашингтон. Злобните јазици тогаш коментираа дека потегот на хашкиот трибунал е всушност директна порака од Брисел до Тачи и обид за поткопување на американската медијација во спорот.

Доколку би поверувале во таа приказна, веројатно на тезата би се надоврзала и информацијата дека безбедносниот дел од операцијата за префрлување на челниците на ОВК во Хаг на Косово ја врши мисијата на ЕУЛЕКС.

Многу српски семејства со децении бараат правда/ Фото: EPA/BORIS PEJOVIC

Кога медиумите пак објавија дека претседателите на Србија и Косово разговарале за план за решавање на косовското прашање со размена на територии, се објавија и неофицијални информации дека САД го подржуваат планот, но дека негов главен противник е германската канцеларка Меркел. Како и да е, јасно е дека оваа операција на Хаг ќе има директни последици и врз евентуалното решение за Косово.

Хашките апсења непријатни за Косоварите и митот за ОВК, Вучиќ се спрема за она што следува

Балканските народи во секојдневноо расудување на политичките или општествените процеси ретко се раководат со аргументи, и многу повеќе сакаат да расудуваат врз база на емоции, предрасуди, лажни наративи или полувистинити митови.

Веројатно е дека истиот тврдоглав феномен ќе се појави и кај најголем дел од косовското јавно мислење после најновите процеси на хашкиот суд. Ретко кој ќе ги чита доказите, емпатија ќе постои само за жртвите од сопствено етничко потекло, а главен наратив ќе биде меѓународниот заговор протов косовската независност.

Во притворска келија во Хаг: Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Реџеп Селими и Кадри Весели: Фото: EPA/ Facebook

Во реалноста сепак процесот против челниците на ОВК ќе донесе доза на кредибилност на хашкиот суд и конечно ќе го отвори прашањето за злосторствата извршени врз Србите на Косово но и врз политичките противници на ОВК. Процесот ќе предизвика и проблем за косовскиот наратив во преговорите за статусот, каде еден од главните аргументи е дека после српските злосторства на Косово не може да постои друго решение освен независност. Се разбира дека евентуалната пресуда за извршение воени злосторства не може да го побие правото за независност на Косово, но таа пресуда ќе додаде извесна морална рамнотежа во преговорите меѓу Белград и Приштина.

Сосема се разбирливи од друга страна воодушените наслови во српскиот печат и изјавите на српските политичари дека се задоволни од процесите против Тачи и останатите, но проницливиот српски претседател Александар Вучиќ сигурно размислува пошироко и ја знае политичката реперкусија на овие процеси.

Без разлика дали со промената во Белата куќа ќе продолжи истиот формат на американската медијација во процесот, или решавањето на спорот ќе го превземе Брисел јасно е дека со овие хашки процеси полека се затвара кругот околу одговорноста за злосторствата на Косово од двете страни, а тоа значи дека се подготвува терен за решавање на проблемот. Тоа значи дека во скора иднина ќе се случи интензивирање на преговорите, по што ќе мора да има конечно решение.

Вучиќ често знае да каже дека нема да прифати решение со кое Србија ќе биде понижена, но исто така ретко директно изјавува дека нема да потпише решение кое предвидува независност на Косово. Навистина е тешко после речиси дводецениско постоење како држава и Приштина да прифати нешто помалку од независност, па затоа е многу тешко да се предвиди евентуалниот компромис.

Една од интересните идеи за можна конфедерација меѓу Србија и Косово е евентуално решение, бидејќи Приштина формално би била во заедница со Србија но суштински би станала независна држава признаена од сите, вклучувајќи го и северниот сосед. Србија од друга страна би добила извесен формален суверинетитет над територијата на Косово и веројатно силни концесии за преостанатите Срби во според Белград јужната српска покраина.

Тоа е објаснувањето зошто Вучиќ знае дека процесуирањето на евентуалните злосторства извршени од челниците на ОВК значи и можен почеток на крајот на косовското прашање. Поучени од решавањето на спорот околу името меѓу Македонија и Грција каквите компромиси секогаш бараат тешки отстапки и од двете страни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот