Студена војна

Митко Билјаноски. / Фото: Слободен печат

Сега НАТО конечно има причина за своето постоење, единство на членките како никогаш досега, и зацврстен бедем на северниот крај на новата Железна завеса, која ќе биде повисока, а можеби и подолготрајна од онаа што се урна пред децении.

– Кога ќе нѐ поканите да му се приклучиме на НАТО? – прашал новоизбраниот претседател.

– Па, ние не даваме покани за членство во НАТО, туку аплицирате за да се придружите – одговорил генералниот секретар.

– Е, па, ние не сме од оние што чекаат во ред заедно со многу земји што не се важни – возвратил итро претседателот, затворајќи го целосно и разговорот и случајот.

Годината била 2000-та, генералниот секретар бил Џорџ Робертсон, а претседателот бил Путин.

Баронот Робертсон одамна го нема во политиката, Владимир Владимирович и денес е во Кремљ, но ниту НАТО ниту Русија се повеќе тоа што беа на почетокот на новиот милениум.

Тогаш, ни малку на шега туку крајно сериозно, во многу анализи, извештаи и документи се разгледувала можноста Русија да стане членка на Северноатлантскиот сојуз, изграден токму за да ја заштити Европа и нејзините вредности од комунистичкиот источен блок по Втората светска војна. Во документот „Треба ли Русија да му се придружи на НАТО?“ од 2000 година професорот Јуриј Давидов ја оценил таквата можност како полезна, но и тешко остварлива поради огромните внатрешни проблеми со кои се соочува Русија по распаѓањето на СССР.

Иако сигурно им пречело, ни Москва ни Путин тогаш не реагираа гласно на фактот што НАТО се прошири кон Исток со низа нови земји, вклучувајќи и поранешни советски републики. Железната завеса беше урната и немаше ни материјал ни потреба да се крене нова.

За разлика од Русија во 2000 година, Финска и Шведска во 2022 година ќе го прескокнат „долгиот ред со многу земји што не се важни“ (во кој, патем, Македонија помина четвртина век) туку експресно ќе бидат примени во Алијансата. Се чека само официјално да ја изразат таа намера, по што веќе на лето би биле полноправни членки.

За да не се повтори безумна „превентивна“ руска инвазија како онаа врз Украина, НАТО и Британија им дадоа чесен збор на Финска и Шведска дека ќе им ја гарантираат безбедноста во транзицискиот период.

Не дека такви гаранции им се којзнае колку потребни. И Шведска и Финска, иако се неутрални, имаат моќни армии со модерно оружје, ефикасни мрежи за мобилизација и системи што веќе се усогласени со стандардите на НАТО. Таквата воена моќ, географската поставеност и цврстото партнерство со северноатлантските сојузници би требало да им гарантираат безбедност и без членство во Алијансата.

Но, анкетите покажуваат дека скандинавците се толку вознемирени од лудата непредвидливост и агресивност на Путин што се решени да го жртвуваат својот највреден капитал – неутралноста. Упорното воздржување да се приклонат кон воените блокови, на  Шведска со векови, а на Финска со децении, придонесе за развој на демократските вредности, квалитетот на животот и благосостојбата. Нордиските земји имаа слобода самите да ја градат својата безбедност, издвојувајќи за модернизација и надградување на одбраната онолку колку што сметаат дека им е потребно, а не следејќи табели со дефинирани проценти од буџетот.

Со нив во Алијансата, Русија ќе изгуби многу, а НАТО ќе добие уште повеќе. На воен план ќе добие две целосно спремни и модерно опремени армии, кои би требало ефикасно да ја закрпат дупката во најранливиот дел од бедемот кон исток – околу Балтикот и кон Арктикот, кој е стратегиски важен за контрола на северните трговски патишта. На политички план, пак, приемот на Шведска и на Финска ќе биде одраз на единството на западните земји да ѝ се спротивстават на руската агресија, како и признание за европските вредности.

Но, најмногу од сѐ, НАТО ќе добие цврста причина за своето постоење. Формиран како сојуз за одбрана на демократските вредности на Европа од заканата од комунистичкиот авторитаризам, НАТО имаше јасна мисија сѐ до колапсот на Советскиот Сојуз. По уривањето на Железната завеса, НАТО тргна во нова експанзија, прибирајќи нови членки под чадорот на колективната безбедност, но без јасно дефиниран непријател од кој треба да ја штити Европа. Од Русија? Од Иран? Од Кина? Од исламистички милитанти? Од терористи? Од климатските промени?

Празнината ја пополни Путин, кој со безумната одлука да ја нападне Украина ги консолидираше редовите на рускиот непријател. Сега НАТО конечно има причина за своето постоење, единство на членките како никогаш досега, и зацврстен бедем на северниот крај на новата Железна завеса, која ќе биде повисока, а можеби и подолготрајна од онаа што се урна пред децении.

Тоа може да ја зајакне безбедноста на Европа, но нема да ѝ донесе благосостојба. И географски и историски и културно, на Русија ѝ е местото во Европа, а не на Пацификот или во сојуз со Кина, Иран или Венецуела. Европа утре, по десет или дваесет години, повеќе нема да биде зависна од руската енергија, а Русија ќе најде нови пазари.

Но, потенцијалот на заедништво, на Европа помоќна со Русија и на Русија помоќна со Европа, на она што сериозно или на шега своевремено разговарале Путин и баронот Робертсон, ќе остане далечен сон, идеја замрзната под тешката покривка на нова војна, студена како финска зима.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот