Струмица го одбележа Денот на заштитниците на градот

Ден на заштитниците на Струмица
Ден на заштитниците на Струмица / Фото: МИА

Со свечена седница на Советот на Општина Струмица на која присуствуваше и премиерот Зоран Заев и со Света божествена литургија во црквата „Свети петнаесет Тивериополски свештеномаченици”, во Струмица заврши одбележувањето на Денот на заштитниците на градот-Светите петнаесет.

За значењето на овој ден на седницата говореше градоначалникот Костадин Костадинов.

-Денес како никогаш порано, важно е да останеме свои, да останеме достоинствени и да бидеме секогаш верни на духовните и моралните вредности. А тие вредности доаѓаат од автономијата на човековата слобода, слобода која ни овозможува да размислуваме, да расудуваме, да планираме, креираме и создаваме, да воспитуваме деца на праведност и чесност, да подучуваме и да одлучуваме по свој терк и со своја глава. Но, за сето тоа, мораме да го разбудиме човекот во нас, мораме да ја разбудиме љубовта во нас. Така ќе бидеме тоа што во суштина сме, рече Костадинов.

На свечената седница традиционално беа доделени годишните награди и наградата за животно дело „Свети Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“.

Наградата за животно дело ја доби Никола Донев, прв југословенски одбојкарски репрезентативец од земјава и тренер за посебни остварувања во спортот.

Годишната награда ја добија поетот Ѓорѓи Калајџиев за посебни остварувања во културата и литературата, Божана Трајкова за посебни остварувања во крводарителството и хуманоста и Наталија Иванова за помагање и згрижување бездомни животни

Територијалната професионална противпожарна единица од Струмица доби специјално признание за учество во гаснењето на пожарите коишто во летниот период ја зафатија државата.

Одбележувањето на празникот заврши со настап на „Распеани струмичани”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот